|

Приватните превозници со своите автобуси пред Град Скопје, бараат средба со Арсовска

Денеска возачите со шест приватни автобуси пристигнаа пред Град Скопје и во моментов сеуште чекаат градоначалничката Данела Арсовска да ги прими на средба која ја бараат веќе неколку денови.

Возачите на „Слобода превоз“ и на „Макекспрес“ својот револт од нередовната исплата која ја имаат од страна на ЈСП „Скопје“ деновиве ја изразуваат со несообраќање по скопските сообраќајници според однапред утврдениот возен ред, а вчера во попладневните часови координативното тело донело одлука дека ќе стапат во штрајк.

– Утрово возачите со шест автобуси пристигнаа пред седиштето на Град Скопје каде и во моментов чекаат средба со градоначалничката. Првично, автобусите беа паркирани на едната коловозна лента на булеварот „Илинден“, но возачите немаа никаква намера да го попречуваат сообраќајот па возилата набрзо беа препаркирани за да не пречат во нормалното одвивање на сообраќајот – вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.

Според најавите на приватните автобуски превозници, тие пред Град Скопје ќе останат до крајот на работното време на градоначалничката, со надеж дека денеска ќе ги прими на разговор, за како што велат, конечно да се надминат проблемите кои се појавија со автобускиот превоз во Скопје.

Извор: Слободен печат

Слични Објави