| |

ГДУ- ШТИП: ДАЛИ НА ПОЛОВИНА ОД МАНДАТОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ, ШТИП ИМА ИЗГУБЕНО НАД 60 МИЛИОНИ ЕВРА?

„Ние од ГДУ внимателно го проследивме отчетот на градоначалникот на Штип, г. Бочварски, по повод половина од неговиот мандат.
Од отчетот стана јасно дека се завршени проектите, нова градинка во населбата Сењак, платформа за паркинг возила, нов мост на реката Брегалница, нов кружен тек во населба Сењак, водовод во населбата Балканска и други проекти.

Како што е ред да се пофали тоа што е добро, ние честитаме за завршените проекти и го мотивираме градоначалникот да продолжи со уште појако темпо, бидејќи половина од мандатот помина.
Но исто така мораме да напоменеме, дека скоро сите проекти, спомнати од Бочварски, се наследени од претходниот градоначалник, а сега се завршуваат. Секако е за пофалба фактот сегашниот и поранешниот градоначалник, ги почнуваат и завршуваат важните проекти за општината.

За волја на вистината убаво би било да се спомне и другата страна. На пример : Што се случи со Аеродромот во Штип за којшто имаше готов проект, направена експропријација, цврст обрзувачки договор со ТАВ а владата го откажа проектот и се откажа инвестиција од 50 милиони евра. Инвестиција од којашто наводно Штип ќе добиеше 1 милион евра.

Само ве молиме без одговори од типот дека проектот е откажан поради ветрот, бидејќи сме сведоци како едни од најпознатите светски аеродроми во Јапонија, Америка се изложени на тајфуни и сепак функционираат.

Сите знаеме што значи аеродром тоа е престиж за еден град. Брза комуникација, економски развој, странски инвестиции, вработувања, заштеда за граѓаните од целиот источен регион.
И како и многу пати до сега Штип и верниот Исток беа заборавени и им го одзедоа проектот што значеше напредок.
Исто така да не заборавиме за одземениот проект за колекторски систем во Штип, проект кој се пренасочи во Тетово и Битола, наместо Штип и Велес. Штип требаше да добие 10 милиони евра.

Прашањата до градоначалникот се следниве:

Колку негови проекти, а не наследени има завршено и колку проекти ќе остави за да ги заврши идниот градоначалник?
Дали проектите кои беа во програмата од типот на Жичара, Катна гаража, студентски дом, гасификација, фасади на сите згради се во завршна фаза и дали ќе му бидат оставени на идниот градоначалник да ги заврши?
Дали на половина од мандатот на градоначалникот, Штип има изгубено над 60 милиони евра?
И последното прашање, покрај сите завршени огромни проекти, кога ќе се најде време за да се санираат неколкуте метра од цевката во Ново Село? Таа цевка ја санирате веќе половина мандат“, изјави на денешната прес-конференција претседателот на ГДУ-Штип, Борче Пачемски.



Слични Објави