Приведени дилери, во претрес во Скопје пронајдена дрога

/

Како што соопштија денеска од МВР, за Д.И. била распишана централна потерница по наредба на Основен суд Скопје 1 за издржување казна затвор од две години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик.

– При преземањето мерки за негово лишување, било дојдено до сознание и дека на подрачјето на Скопје Д.И. врши препродажба на наркотична дрога. Д.И. и П.М. биле лишени пред станот што го користел Д.И. за чување и препакување дрога, при што кај двајцата била пронајдена марихуана, појаснуваат од МВР.

Подоцна, со судска наредба, бил извршен и претрес во станот и биле пронајдени и одземени поголема тегла со марихуана, две ќеси со марихуана, една ќеса со бела прашкаста материја, капсули со кафеава прашкаста материја и дигитална вага.

Со судска наредба бил извршен и претрес и во стан на ул.„Прашка“, каде што Д.И. престојувал со неговата девојка, при што пред зградата биле пронајдени ќеса со марихуана и дигитална вага со остатоци од марихуана, кои претходно неговата девојка ги исфрлила од прозорец.

Од МВР информираат дека Д.И. бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната, а П.М. бил задржан во полициска станица.

По целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава по член 215 од Кривичниот законик.

Претходна статија

Скопје под сообраќајна опсада, граѓаните во заложништво

Следна статија

Црвенковска си замина од чело на Судскиот совет

Најново од Вести