Признание: Сандански е финалист за Европска престолнина на туризмот 2027
Европската комисија го вклучи Сандански меѓу осумте финалисти во конкурсот „European Capitals of Tourism 2027“, во категоријата за туристички дестинации со население од 25.000 до 100.000 жители, јавува Пиринско.
Во оваа категорија се пријавиле 40 градови од 17 држави, а по независна експертска оценка Сандански е избран меѓу дестинациите што продолжуваат во финалната фаза.
Покрај Сандански, финалисти се Кале од Франција, Калвија и Ибица од Шпанија, Гестланд од Германија, Нова Горица од Словенија, Селчук од Турција и Задар од Хрватска.
Кандидатурите биле оценувани според иновативните практики во областа на локалниот потенцијал, одржливоста, пристапноста, дигитализацијата, зачувувањето и промоцијата на културното наследство и креативноста.
„Фактот што Сандански и Бугарија се наоѓаат рамо до рамо со докажани туристички центри од овие земји е високо признание за развојот на градот и за неговото сè повидливо место на европската туристичка карта“, се наведува во објавата.
Финалната фаза ќе се одржи на 18 и 19 ноември 2026 година во Брисел, каде што претставниците на осумте градови ќе ги презентираат своите кандидатури пред европско жири.
По презентациите ќе бидат избрани двата града што ќе ја понесат титулата „European Capital of Tourism 2027“.
„Ова признание го поставува Сандански меѓу водечките европски туристички дестинации“, се наведува во објавата, во која се истакнуваат природните потенцијали, културно-историското наследство и напорите за развој на одржлив, пристапен и модерен туризам.
