ПРОДАДЕТЕ МУ ГО САРАФОВ НА КАРАКАЧАНОВ, ПА БЕЛКИМ СЕ СМИРИ

Вчера бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов повторно успеа за само неколку часа да се претвори во главна ѕвезда во македонските медиуми. Ќе си помисли некој дека лидерот на ВМРО е рок ѕвезда. Одредени патриотски медиуми зафатени со тоа да нѐ информираат и за најмалите ситници од животот на српската турбофолк певаљка Цеца, едвај чекаат „лошиот бугарски националист“ да каже нешто па да го пренесат, ем да помогнат за „разведрувањето“ на македонско-бугарските односи, ем да прошарат малце содржина и да не пишуваат само за Цеца, Вељко и неговата сопруга.

Истите тие медиуми, а и некои други со претензии за сериозни новинарски дувла, тенденциозно објавија дека Каракачанов се заканил дека ќе испрати војска за да се демонтираат споменици во РМ. Ако внимателно го изгледате целото интервју (овде) ќе видите дека Каракачанов не зборува за сите споменици, туку само за таблите со овековечената кованица: „бугарски фашистички окупатор“. Но доста сум го толкувал министеров, ќе ми излезе лош муабет, ќе речете овој татаров адвокат му стана на Краси.

Насловите продаваат и носат кликови тоа ми е повеќе од јасно, но сепак како еден скромен новинар и човек кој се надева и работи колку што може, еден ден меѓу двете страни на Осогово, Малешевијата и Беласица омразата да ја снема, го предлагам следното на нашите власти. На Бугарите ништо не им предлагам бидејќи и покрај бесплатните реклами, мојот мал портал не е толку „близок со политички кругови во Софија“.

Дајте му го споменикот на Сарафов што се наоѓаше до Министерството за надворешни работи на Каракачанов, па белким лошиот Бугарин се смири и се откаже од намерата да ги демонтира светите спомен-плочи на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“.

Дајте му го споменикот на Сарафов, наместо на топење, продадете му го. Каракачанов има пари. Да му речете да го плати и транспортот од Скопје до родното село на револуционерот во пиринска Македонија. Кога нема место за врховистот Сарафов во Скопје, направете договор. Вие нему воениот лидер на Илинденското востание, а тој на вас, ветување дека нема да ви ги чепка спомен плочите со бугарскиот фашистички окупатор на нив.

Е толку вулгаризирана е работата за жал.

Секоја изјава на Каракачанов овде ќе се пренесува како закана за апокалипса, ама на Меркел никој нема да собере машкост да ѝ каже дека Германците биле фашистички окупатор во Македонија.



Германија е моќна земја, таа не може да биде ставана на тапет. Таа нема потреба да се извинува за ништо поврзано со Македонија. Ама Бугарија! Бугарија треба да се извини и за самото свое постоење не само за трагедијата кај Ваташа. Бугарија треба да се извини и за тоа што го обучи воено врховистот Сарафов, а исто така и за Егзархијата и за уште еден куп други асимилаторски активности. Гоце бил учител во егзархиско училиште, зарем и тој асимилирал? Или го рушел системот од внатре, како што сега тоа го „прави“ Левица во парламентот.

Значи да резимираме. Германија нема да ни се извинува, Бугарија не смее да се буни за тоа што била окупатор и Сарафов да му го продадете на Каракачанов, за убава пара, поубава од таа што ќе ја земете, ако го претопите како старо железо.

Продадете го Сарафов, нема да му е за прв пат!

Автор: Атанас Величков