Продолжува мачењето за родителите на Јана, обдукцијата готова, но ќе оди во Институтот за судска медицина
Битолското Обвинителство го добило обдукцискиот наод на петгодишната Јана, која почина по примање инфузија со гликоза пред еден месец во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“. Обвинителството не открива детали од наодот, но со наредба ќе бара изјаснување од Институтот за судска медицина.
„Наодот од обдукцијата извршена на Клиничката болница во Битола во поглед на причините за смртта е доставен до надлежниот јавен обвинител. Основното јавно обвинителство Битола го разгледува во контекст на целокупната прибрана медицинска документација по што ќе биде издадена наредба до Институтот за судска медицина врз основа на сите прибрани докази да се произнесе за евентуалната причинско-последична врска на медицинскиот третман со причините за смртта. Родителите на починатото девојче се повикани да дадат свој исказ во Јавното обвинителство“, велат од битолското Обвинителство за „Макфакс“.
Родителите на Јана изминатиот викенд за „Макфакс“ потврдија дека се повикани во Обвинителството и еден месец по загубата, рекоа дека сега уште се поуверени дека лекарска грешка е причина за смртта. Се сомневаат дека лекарите уште веднаш почнале да ја токмат документацијата за да избегнат одговорност, па мртвото тело на Јана по реанимацијата го качиле на интензивна нега, а по приближно три часа, им кажале дека починала.
Две недели по случајот со петгодишната Јана, во истата болница веднаш по раѓањето почина бебе на 24-годишна родилка. Од Обвинителството велат дека обдукцискиот наод, кој се очекува да ги открие причините за смртта на бебето, сè уште не им е доставен. Родилката се сомнева дека обдукцискиот наод ќе биде наместен, а на социјалните мрежи јавно се пожали дека и по 12 дена, сè уште не добила отпусно писмо од болницата.