| | |

Продолжува молкот за Гавран

Пишува: Зоранчо Маринков

Продолжува заветот за молчење во Северна Македонија по однос на масакрот во радовишкото село Гарван, извршен пред 101 година.

Според пребарувачот на вести time.mk, при пребарување по клучен збор, за убиствaта во Ваташа извршени на 16 јуни 1943 год. македонските портали објавиле 144 вести, а за убиствата во Гарван на 2 март 1923 год. истите тие портали објавиле само 1 (една) вест.

На споменикот на убиените во Ваташа во 2023 год. беше претседателот на државата, Стево Пендаровски, а на неговата официјална страница за посетата беше напишано следното:

“Во месноста Моклиште, во пресрет на одбележувањето на 80 години од масакрот во Ваташа, претседателот Пендаровски оддаде почит положувајќи свежо цвеќе пред споменикот на 12 младинци кои беа убиени на 16 јуни 1943 година од бугарскиот фашистички окупатор.”

Од име на Владата на РСМ, минатата година во Ваташа цвеќе положува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа на нејзиниот профил на Фејсбук по тој повод меѓудругото ќе напише:

“Денеска молкум им оддаваме почит на дванаесетте младинци од Ваташа кои, пред 80 години на денешен ден, беа стрелани и масакрирани од тогашната бугарска окупаторска војска”.

На манифестацијата во Ваташа во јуни 2023 год. беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој на настанот ќе изјави:

“На ѕверски начин овие 12 младинци се убиени од страна на бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна и тоа е чин кој што треба сите да не обедини. Тоа е чин кој што не треба никогаш да го заборавиме”.

Од друга страна, ниту еден од погоре посочените тројца политичари, нема никаква објава на неговиот профил на Фејсбук за убиствата во село Гарван, да не зборуваме за оддавање на почит пред жртвите пред споменикот во селото.

Дали животите на 28-те лица од Гарван, меѓу кои и две деца на 12 и 13 години биле безвредни? Дали тие луѓе не биле родени и не живееле во Македонија? Дали ова се европски вредности? Дали со сеуште надвиснатата сенка на Добрица Маткович – наречен уште и Новиот Нерон, постојат било какви надежи за европска иднина на Северна Македонија?

Да потсетиме дека на 19 април 1923 год. во Софија на митинг се собираат околу 40.000 граѓани, претежно бегалци од Македонија, за да протестираат против зверството во село Гарван.

“Протестот на македонците

Тој беше импресивен!

Уште кога пристигна првата злокобна вест за злосторството во село Гарван, сите чеда на Македонија што нашле прибежиште во странство, се сретнуваа поставувајќи си го прашањето: Вистина ли е? Вистина ли е дека дваесет и двајца невини българи, глави на семејства, во расцветот на своите сили биле покосени со митралезен оган под командата на крволокот Маткович?”

Еден од говорниците бил и Јордан Анастасов, роден во Кавадарци. Тој бил дел од раководството на Задграничното биро на ВМРО (обединета). Според македонската историографија, ВМРО (обединета) има позитивна историска улога и се борела за самостојноста и независноста на македонскиот народ.

Па да видиме што кажува Јордан Анастасов на протестот во Софија, на 15 април 1923 год.

“Едновремено со г.Кусев, од друга говорница, мафестацијата ја отвори и Јордан Анастасов, секретар на Националниот комитет.

Откако ја истакна солидарноста и заедничките маки на сите македонски народности за слободата на заедничката татковина, оратоторот премина на денешната состојба во Македонија и кажа: Тоа што се случи во Гарван е невидено во историјата. Гарван е столбот на срамот за европската совест и за човештвото. Но, ништо нема да биде во состојба да ја спречи слободата, којашто доаѓа и чиешто сонце наскоро ќе ја огрее класичната земја на борбите за човечки права!”

Исто така, меѓу говорниците на протестниот собир бил и Арсени Јовков, во чија чест денес се наречени училишта и улици во Северна Македонија. Во продолжение е говорот на Арсени Јовков на протестот во Софија.

“Прогнаници од Македонија! Не напразно една планина во нашата татковина го носи името Плачковица. И сега водите на Брегалница и Вардар прибираат од пазувите на таа планина солзи и крв и ги изливаат во епично мирното Егејско море!

Денес ние имаме еден “Пиемонт” на Балканот, којшто со мандат од Европа се зафатил да ја асимилира Македонија. И тој мандат им беше даден на србите и грците со една леснина, со која се склучуваат договори за давање под концесија на некои извори за гас.

Сето тоа ги создаде социалните, економските и политичките услови за борбата с тој Пиемонт во наводници. Многу е грешно видувањето на кусогледите дипломати, дека пушките за македонската револуција доаѓаат од Бугарија. Секој Македонец денес е борец и секоја нова сила и пушка излегуваат само од пазувите на боречка Македонија!

Во истиот дух ораторот продолжи и заврши со повик:

“И нека во овој торжествен миг да паднеме на колена и да ги симнеме шапките за мачениците при Гарван!

Мноштвото народ коленичеше, симна шапки, и при гробна тишина се слушна од илјадници “Бог да ги прости!”

Слични Објави