Продолжува потрагата по жртвите од авионската несреќа кај Москва
Операцијата во потрага на жртвите што вчера загинаа во авионска несреќа во близина на Москва би можела да потрае неколку денови, јавува радио Слободна Европа.Во несреќата загинале сите 71 луѓе на бордот, а во текот на вчерашниот ден биле пронајдени само две тела. Потрагата е отежната и поради изобилните врнежи од снег како и тешко пристапниот терен. Околу четиристотини припадници на спасувачките екипи се на местото на несреќата. Министерството за вонредни состојби соопшти дека била пронајдена една од таканаречните „црни кутии“, но не прецизира дали станува збор за снимени податоци за летот или за снимени разговори. Авионот од типот Антонов 148 на компанијата „Саратов ерлајнс“, исчезна од радарските екрани веднаш по вчерашното полетување од аеродромот Домодедово во Москва до Орск на Урал. Според некои наводи, авионот почнал да се спушта по илјада метри во минута и тоа пет минути по полетувањето.