Продолжува судењето за нападот врз градоначалничката Данела Арсовска
На денешното рочиште за нападот врз скопската градоначалничка Данела Арсовска, адвокатката на обвинетиот Сулејман Љамујари најави поднесување кривична пријава за „напад и недозволено снимање“ против Арсовска. На ова реагираа обвинителот и судијката, кои посочија дека вакви најави не се прават во судница.
Обвинителот истакна дека при подготвување на обвинителниот акт биле разгледани две медицински документации – една за Арсовска и една за обвинетиот. Според него, во извештајот од ГОБ „8 Септември“ за обвинетиот, направен еден ден по настанот, не е констатирана никаква повреда. Од друга страна, медицинскиот вештак сведочеше дека Арсовска се здобила со телесна повреда во левата потколеница.
На рочиштето сведочеа и полицајците кои интервенирале на градилиштето по пријава од инспектор од Град Скопје. Тие изјавија дека не го виделе самиот напад, но чуле навреди од страна на обвинетиот кон Арсовска, кога ја прашувал „што бара на градилиштето“. Дополнително, полицајците посочија дека Љамујари на албански јазик ги прашал „кој им е шеф“.
Полициските службеници тврдат дека обидот за негово отстранување не траел 45 минути до еден час, како што претходно се тврдеше, туку дека за 15 до 20 минути го привеле во полициската станица „Бит Пазар“. Еден од полицајците додаде дека и самата Арсовска упатила навреди кон обвинетиот во текот на инцидентот.
Судењето ќе продолжи во петок.

