Продолжува судењето за „Онкологија 2“: Се сослушуваат сведоци, одбраната бара изземање на вештак
Во Кривичниот суд – Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Онкологија 2“, во кој на обвинителна клупа седат поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и поранешниот економски директор, Нехад Нухи. Тие се обвинети за несовесно работење, злоупотреби и финансиски криминал во периодот од 2018 до 2022 година.
На денешното рочиште ќе се сослушуваат сведоци, а Судот треба да одлучува и по барањето на одбраната за изземање на вештакот Елизабета Дамевска Јовановска.
На минатото рочиште сведочеше медицинска сестра од дневната болница на Клиниката, која изјави дека во времето кога директор бил Васев се случувало да недостига одредена терапија, како и дека имало случаи на промена на препишани терапии.
Васев и Нухи не ја признаваат вината и тврдат дека обвинението е политички мотивирано и засновано врз економско вештачење од лица со инкриминирано минато.
Покрај „Онкологија 2“, Васев е обвинет и во случајот „Онкологија 1“ заедно со тројца онколози. Во овој процес, второобвинетата Мери Пешевска призна вина и Судот ја раздвои постапката против неа, а пресудата треба да биде изречена на 22 септември.
