Со претставата „Ничија земја“ на МНТ во режија на Александар Морфов започна театарскиот фестивал „Театар без граници“ во Ќустендил
Со претставата „Ничија земја“ на Македонскиот народен театар од Скопје започна Меѓународниот театарски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“, чиј домаќин е градот Ќустендил во Бугарија. Фестивалот ќе трае до 21 септември. Претставата „Ничија земја“ е по сценарио на Данис Тановиќ, а е режирана од реномираниот бугарски режисер Александар Морфов. Во наредните денови во салите на Драмскиот театар во градот, публиката ќе може да ужива во претстави на водечки театри од Бугарија, Република Северна Македонија и Србија.
Фестивалската програма започна синоќа . Ова претставување уште на стартот ја потврди основната идеја на фестивалот – културна соработка и креативно спојување на уметници од различните земји на Балканот.
Официјалното отворање на фестивалот е закажано за денес во 19:00 часот, а претходно, од 13:00 часот, ќе биде одбележана и 35-годишнината од програмата Интеррег и Денот на Интеррег-соработката.
Во фестивалните денови ќе настапат: Народниот театар „Иван Вазов“ – Софија, Македонскиот народен театар – Скопје, Народниот театар – Ниш, Драмскиот театар – Ќустендил, како и неколку независни продукции кои ќе внесат свежина и современ дух во програмата.
Фестивалот се одржува со поддршка на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, Министерството за туризам, Сојузот на артистите на Бугарија, програмите за прекугранична соработка Interreg VI-A IPA (Бугарија – Северна Македонија и Бугарија – Србија), како и општина Кюстендил и Драмскиот театар од градот.
Претставите се бесплатни за публиката, но потребна е претходна регистрација преку интернет или на билетарницата на театарот во Ќустендил.

