|

Спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне

Во текот на изминатата недела мобилни тимови и царински службеници на граничните премини спречија обиди за криумчарење на поголема количина облека, цигари, нови екрани за мобилни телефони, но и употребувани хардверски делови. Спречен е и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне откриени при контрола на товарни моторни возила пријавени за увозно царинење.

Царински службеници на влез на граничен премин Табановце и на граничен премин Богородица во три случаи спречија обид за криумчарење на 442 парчиња облека. Во првиот случај при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин, во патни торби и куфери сместени во багажникот и на задното седиште, пронајдени се 326 парчиња облека. При контрола на автобус кој сообраќал на релација Женева – Битола, управуван од македонски државјанин, во навлака за костум сместена на задните седишта пронајдени се 11 парчиња машка облека. Дополнително, при контрола на камион со косовски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, на влез во државата на граничен премин Богородица царински службеници открија непријавени 105 парчиња облека.

Против сторителите ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Разни производи меѓу кои женски чанти, паричници, тоалетни води, бижутерија со вкупна вредност од 193 илјади денари се откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, сопственост на водичот на автобусот, инаку македонски државјанин, биле пронајдени во кеси сместени во просторот за багаж над патничките седишта, пред предните седишта и до возачкото седиште.

Во четири случаи спречен обид за шверц на 67 штеки цигари и 5 штеки со патрони за електронски цигари.

– 18 штеки цигари без акцизни маркички се откриени од страна на Службата за мобилни скенери, при контрола на цистерна со македонски регистарски таблички управувана од македонски државјанин, пријавена за влез во државата на граничниот премин Богородица. Цигарите се пронајдени во просторот за филтерот за воздух и во торба сместена на горниот кревет во кабината.

12 штеки цигари и 32 килограми маџун без акцизни маркички се откриени при контрола на камион со македонски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Возилото било натоварено со стока со потекло од Турција наменета за македонски увозник. Непријавените производи се пронајдени во просторот под креветот за спиење и во фабричка празнина под тапацирот во горниот дел од кабината.

При контрола камион со чешки регистарски таблички управуван од чешки државјанин, помеѓу лични предмети и облека на горниот кревет и во фабрички прегради во горниот дел од кабината, пронајдени се 21 штека цигари и 5 штеки со патрони за електронски цигари.

16 штеки цигари без акцизни маркички се откриени при контрола на автомобил со словенечки регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари се пронајдени во багажниот простор и под предните седишта на возилото.

569 разни производи со проценета вредност од вкупно 594,5 илјади денари, кои не биле опфатени со царинските документи се откриени во два одвоени случаи од страна на мобилни царински тимови, при контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струга, наменета за две фирми од Струга. Во првиот случај биле откриени 365 разни употребувани производи меѓу коишто и таблети, конзоли за видео игри, рам-мемории, рачни часовници како и 15 нови екрани за мобилни телефони. Во вториот случај биле откриени 189 разни употребувани производи меѓу кои хард дискови, машина за исфрлување тениски топчиња, гуми, бандажи, катализатори, фрижидери.

Царински службеници од царинска испостава Гевгелија во два случаи спречија нелегален влез на 8 илегални мигранти, државјани на Иран и Сиера Леоне при контрола на товарни моторни возила пријавени за увозно царинење. Четири илегални мигранти, државјани на Иран се откриени при контрола на товарниот дел на камион со турски регистарски таблички управуван од турски државјанин. Во друго товарно моторно возило во просторот за палети на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, се пронајдени четири илегални мигранти, државјани на Сиера Леоне.

Лицата се предадени на Одделот за гранични работи и миграции при Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.

Слични Објави