| |

Проектот на бугарската хип-хоп ѕвезда Криско за центар за деца со посебни потреби влегува во напредна подготвителна фаза

Проектот на бугарскaта хип-хоп ѕвезда Криско за изградба на центар за интеграција на деца и млади со посебни потреби располага со земјиште од три декари во Софија и со собрани 851.000 евра, соопшти фондацијата „Сончеви деца 2024“, пренесува 24 часа.

Според фондацијата, подготвени се 75 отсто од документите за парцелата, која била донирана во декември 2025 година. Нејзината проценета пазарна вредност надминува еден милион евра.

Изработен е проектот за детален урбанистички план, а подготвени се и решенијата за транспортен пристап и организација на сообраќајот. Документите се усогласени со надлежните институции и се доставени до Општина Софија за одобрување. Завршени се известувањето на засегнатите лица и јавната расправа.

Изградбата сè уште не е почната. Следува завршување на постапките и подготовка на документацијата за градежна дозвола, која фондацијата очекува да ја поднесе во рок од околу шест месеци.

Криско и неговата сопруга Цветелина ја основаа фондацијата откако кон крајот на 2024 година соопштија дека нивниот син Даниел има Даунов синдром. Центарот треба да понуди можности за терапија, образование, спорт и социјализација.

Фондацијата продолжува да собира донации, а во меѓувреме организира рехабилитација, бесплатни кампови, стоматолошка помош и други иницијативи за деца со посебни потреби.



Слични Објави