Проф. Иван Цанов од УНСС предложи создавање прекугранична економска зона меѓу Бугарија и Србија за поддршка на бугарското население
Создавање специјална прекугранична економска зона меѓу Бугарија и Србија би можело да привлече инвестиции, да отвори работни места и да го поттикне развојот на подрачјата во Србија во кои живее бугарската заедница. Ова го предложи проф. Иван Цанов од Универзитетот за национално и светско стопанство на тркалезна маса во Софија, посветена на проблемите на Бугарите во Западните покраини, јавува БТА.
Според предложениот модел, Србија би обезбедила земјиште, работна сила и локални производствени капацитети, а Бугарија би учествувала со капитал, технологии и управување.
Цанов оцени дека економските тешкотии се главниот стратешки проблем за бугарската заедница во регионот. Малиот локален пазар, недостигот од инвестиции и ограничените можности за вработување, според него, го поттикнуваат заминувањето на младите.
Во пограничните општини преовладуваат микропретпријатија, трговија, услуги, семејни бизниси и земјоделство, но недостигаат претпријатија што би ги поврзале овие дејности и би го поттикнале локалниот економски развој, посочи тој.
Цанов предложи воспоставување целосен производствен синџир — од земјоделско производство, преку преработка и пакување, до создавање брендови и продажба надвор од регионот.
Тој ја истакна и можноста Бугарија да воспостави финансиски гарантен инструмент што би преземал дел од инвестицискиот ризик и би им го олеснил пристапот до кредити на локалните компании.
Според Цанов, економската соработка би била поприфатлива за српската страна доколку е насочена кон инвестиции и отворање работни места, без да се доживува како мешање во внатрешните работи. Предложениот економски коридор, оцени тој, би ги поврзал интересот на Бугарија за развој на заедницата и интересот на Србија за економски раст.
Тркалезната маса „Актуелни проблеми на Бугарите во Западните покраини“ се одржа во хотелот „Рила“ во Софија. На неа учествуваа претставници на бугарската заедница во Србија, научници и експерти од Софискиот универзитет, Бугарската академија на науките и други институции.
Учесниците оценија дека бугарското малцинство се соочува со демографски, административни, економски, образовни и културни проблеми и дека зачувувањето на неговиот идентитет бара долгорочна политика од Бугарија.
Претседателот на научниот институт „Западни покраини“, Ангел Џонев, посочи дека меѓу основните задачи на институтот се истражувањето на современите проблеми на Бугарите во Србија и нивното претставување пред бугарската јавност.
Поранешниот бугарски генерален конзул во Ниш, Едвин Сугарев, и Валентин Јанев од институтот говореа за, според нив, историското бришење на бугарското присуство и за последиците од рударството врз населението.
Во завршното обраќање, Џонев изнесе тврдење дека обидите за формирање посебна „шопска нација“ имаат корени во втората половина на XIX и почетокот на XX век и дека идејата постепено станала дел од официјалната политика на Србија.
До форумот биле испратени поздравни обраќања од претседателот на бугарското Народно собрание, претседателот на парламентарната комисија за образование и наука и бугарската амбасада во Белград. Во нив била изразена поддршка за зачувување на историската меморија, националниот идентитет и културното наследство на бугарската заедница, наведува БТА.

