ПРОФЕСОРКАТА РИСТОВА-АСТЕРУД СО ОСУДА ЗА ПОВИЦИТЕ НА НАСИЛСТВО ВРЗ ТЕПАЧИТЕ ОД ШТИП

//

Професорката од Правниот факултет во Скопје Каролина Ристова-Астеруд преку својот facebook профил ги осуди повиците на насилство врз лицата што ја тепаат девојката од денешното видео.

Ви го пренесуваме статусот на професорката Ристова-Астеруд во целост.

„Уште еден редовен и типичен феномен кај нас. Наводно згрозените од насилниот инцидент во Штип , без срам и перде , бараат и повикуваат на насилство, многу конкретизирано и бајаги сериозно. Те за кршење раце и нозе , те за кастрирање, те за полициско претепување, те за силување со или без вазелини, те за смртна казна со бесилка или со друго крвничко, свирепо и невообичаено казнување со цели за умртвување, те за што уште не. Сето тоа, горе-доле, и за родителите нивни. Сето тоа во име на нивното разбирање на правдата, која треба да се случи без судење и без било какви права, а зошто да не и со крвна одмазда. Сето тоа многу често од лица чија професионална етика 24/7/365 треба да ги обрзува на нешто, за тоа нема вадење, демек во “во лично време “ и “како граѓан(к)а”, и не нужно секогаш заради недозволива исполитизираност, туку повеќе како јанѕа од искомплексиран и претенциозен синдром на “прле пред магаре”. Никако да се разбере во нашава земја дека постојат одредени професионално-етички (само)ограничувања што самите однапред ги прифаќаат кога се определиле за некоја професија или повик, а особено ако и кога тоа е врзано или асоцирано со државната власт. Не се гледа никаков проблем и во тоа заменичката МВР да се смета за повикана да “најавува најстроги санкции”, како што впрочем пред некој ден не се виде проблем во тоа што истата таа на прес-конференција за тековните состојби со Ковид -19 не користеше строго правна и професионална терминологија, терминологија која проектира неутрална , одмерена , пропорционална и праведна државна власт на земја со либерално -демократско уставно уредување, која и натаму е и треба да остане таква, независно од вонредна состојба и полициски часови. Напротив, си навлезе бајаги во улога на некаква си морална полиција, во морална терминологија, и во морално судење на прекршителите, со нескриен авторитаризам во ставот и тонот, и со ачик афинитет за драконска и непропорционална казнена политика, по компир- логика , секако, сето тоа во името на заштита на општото добро. Не ги интересира ни утврдување на сите факти , ни постапки, ни пропорции, ни право, ни цивилизираност. И згора на сето тоа, се исчудуваат кој тоа и каде тоа израснал вака и вакви силеџии и социопати. Спрема реакциите кои преовладуваат, пошироката (правна) култура, светогледи и вредности во ова наше општество, ќе да ја имаат таа “чест” и “сопственост”, неќе да е да може да им се увалува нужно на родителите, па уште онака од ракав (?!). Се си се тоа врзани садови, се си се тоа врзани каузалитети во големата ни слика, ала Доријан Греј – очигледно не се гледаат во огледалото, и не си ја гледаат рефлексијата на идентичната матрица со таа на силеџиите; и, не гледаат никаква неконсеквентност, никаква противречност, и никаква нелогичност, меѓу она што наводно го очекуваат и она што ефективно го заговараат, ама баш никаква“- стои во facebook постот на проф д-р Каролина Ристова-Астеруд.



Претходна статија

ОКОЛУ 10000 РОМИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПОМОШ ВО ВИСИНА ОД 100 ИЛЈАДИ ДОЛАРИ ОД ФОНДАЦИЈАТА ОТВОРЕНО ОПШЕСТВО

Следна статија

НОВ САЈТ ЗА СИТЕ НАЈНОВИ И ОФИЦИЈАЛНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА КОВИД-19

Најново од Вести