ЦЕНТРИСТИЧКАТА „РЕКА“ ЌЕ ГЛАСА ЗА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА
Наместо на ТВ дуел, соочување на избори, бара лидерот на опозицијата Мицотакис, кој категорично ја отфрли понудата на Ципрас за ТВ дебата и за јавна пресметка за Преспанскиот договор.
-Имаме предлог за него: нека распише сега, веднаш избори и на предизборните дебати, граѓаните ќе донесат свои заклучоци. Тогаш, Парламентот што ќе произлезе од изборите со одлука на граѓаните, да одлучи за ратификација или отфрлање на Договорот од Преспа, се вели во соопштението на Нова демократија.
Грчката влада во меѓу време го почнува печатењето на десетици илјади копии од Преспанскиот Договор, кој во недела ќе биде објавен во изданијата на неколку грчки весници. Целта е како што вчера соопшти владата целата јавност да се информира за деталите од Спогодбата.
-Главниот фокус на грчката влада е да ги убеди пратениците, но и јавноста во однос на терминот националност, дека националноста се однесува исклучиво на државјанството. Втората работа е да укаже дека овој договор ќе биде одржлив, вели Константинос Филис, професор по меѓународно право.
Пред да биде ставен на гласање, Договорот од Преспа треба да мине низ две или три надлежни комисии, веројатно од понеделник. Ципрас во моментов има 149 сигурни гласа, но бројката сосема извесно ќе порасне, откако центристичката Река соопшти дека ќе застане зад документот. Со нејзините пет пратеника, мнозинството би можело да достигне и 156. Во недела во Атина во 14 часот е најавен голем протест против Договорот од Преспа.
Извор: Канал 5

