| |

ПРОМЕНИ НА ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА

Како што веќе се очекуваше – нема да има измени во изборниот закон за овие избори и нема сега да се воведат отворените изборни листи, туку се отвори формална дебата како алиби – кој е крив за неоствареното изборно ветување на СДСМ. Сепак, за почеток и тоа е добро. Треба да се искаже почит кон СДСМ што ова прашање го постави во изборната програма и што организира јавна расправа за тоа, но најголема почит и поддршка треба да им се даде на помалите партии кои постојано го поставуваат прашањето за отворени изборни листи како главна политичка цел, како најитен приоритет за државата, и за тоа треба да добијат многу гласови од граѓаните на следните избори.

Со блокирањето на воведувањето на отворени изборни листи ДПМНЕ и ДУИ отворено се изјаснија дека во изминатите години тие беа партиите кои, служејќи и на мафијата, ја држеа заробена нашата држава и сѐ уште сакаат да го прават тоа – па затоа треба тешко да бидат казнети на следните избори.

На граѓаните веќе ни е преку глава од ова задржување на исти политички односи долги години, и созреано е времето за длабоки промени на македонската политичка сцена. На следните избори сите интелегентни и разумни луѓе треба да гласаме за партиите кои нудат отворени изборни листи, за да ја одземеме изборната моќ од рацете на мафијата која стои зад политичарите од трите големи партии, и да ја вратиме моќта таму каде што припаѓа – во рацете на граѓаните.

На досегашните избори партиски неопределените граѓани најчесто гласаа против криминалците на власт, или апстинираа од гласање не сакајќи да поддржат ниеден криминал, авторитарен систем и лудост кои ги носат затворените листи. Сега е вистинскиот момент тие да се изборат за сопственото политичко достоинство со гласање за партиите кои нудат отворени листи, со што ќе станат фактор во државата и во иднина ќе се почитува нивниот глас и волја, како што е и во нормалните држави на запад. Решението на сите поголеми проблеми во државата е многу едноставно – што помасовно гласање за отворени листи.

Моментално нема поважна политичка цел во Македонија од воведување на отворени изборни листи, тие се гарант за квалитет во работата на политичарите и администрацијата, и за подобар живот на сите граѓани. Кој не е за отворени листи директно покажува дека и служи на мафијата во Македонија, ако не е и дел од неа. Ако некогаш најголема патриотска цел беше Македонија да стане самостојна и суверена држава сега, кога тоа го имаме, најголема патриотска цел е да се ослободат граѓаните од политичкото ропство на мафијата и да им се врати она што мафијата им го одзеде – моќта за избор и за решавање за сопствената судбина. Најголеми патриоти и револуционери се оние кои се борат за отворени изборни листи !

Во дебатите блокадата на измените на изборниот закон со илјадници амандмани ДПМНЕ и ДУИ ја аргументираат со глупави аргументи – не било сега време, имало малку време до изборите, ќа се отворела берза на пратеници и слично, или ја менуваат темата на тоа колку изборни единици е најдобро да има, што е само доказ дека проблемот е погоден во неговата срж, дека нема противаргументи за итно воведување на отворените листи, и дека главна причина за блокадата на отворените листи е – задржувањето на моќта за легално спроведување на организираниот државен криминал. Крајно време е на ова да му ставиме крај.

Вистина е дека за отворени листи помалите партии имаат ограничен пристап до националните медиуми, кои се под контрола на трите најголеми партии, за подетално да им се објасни на граѓаните кои се предностите и користа од отворените изборни листи. Затоа решение на овој проблем е – што помасовно користење на социјалните мрежи со шерување на сите текстови и клипови со кои се објаснуваат предностите на отворените листи и причините зошто да се гласа за нив. Нема чесен и разумен граѓанин кој нема да гласа за отворени листи ако разбере дека тоа е навистина најдобриот изборен модел за Македонија. На сите им е доста од тоа дивите да ги владеат питомите, како и измамниците и крадците да владеат со чесните со помош на затворените изборни листи, и тоа може да се промени само со воведување на отворени изборни листи. Сега е моментот сите граѓани да се организираме преку социјалните мрежи за да ја шириме вистината за отворените листи, и на изборите да гласаме за помалите партии кои гарантираат нивно итно воведување. Потребни се само неколку пратеници во Собранието – и тоа ќе биде огромен притисок за ДПМНЕ и ДУИ, кој што нема да можат да го издржат. Борејќи се за отворени изборни листи – помалите партии веќе станаа големи !

Сите пријатели и познаници од СДСМ и ДПМНЕ, кои се емотивно врзани за идеолошки или национални теми и со тоа со години се манипулирани од лидерите, во разговор се изјаснуваат дека секако се за отворени изборни листи, и би биле најсреќни тие да се воведат. И тие сакаат на избори да гласаат за личностите кои заслужуваат да ги претставуваат во парламентот – доста им е од игрите и лагите на лидерите, ама не веруваат дека е можно тоа сега да се спроведе во Македонија. Епа еве им шанса да гласаат за тоа што им го говорат разумот и срцето – за отворените изборни листи, и да докажат дека се вистински патриоти и родољуби, а не ситни души и интересџии.

Сега е вистинското време за промена на македонската политичка сцена, доволно се огрешија големите три партии кон граѓаните за сега веќе на изборите да не ја добијат незаслужената доверба, и да се промовира трет блок на помали партии кои имаат свои посебни цели, но и една голема заедничка цел – итно воведување на отворени изборни листи. Овој трет блок помали партии се борат за светлата иднина на државата, а со тоа и за подобра иднина на младите генерации – да не се селат од Македонија и да имаат добар живот овде, што е во интерес и на нивните родители, па и на пензионерите кои сакаат овде да има светла иднина за нивните внуци. Затоа треба сите, а најмногу младите, да се организираме за што поголема промоција на отворените листи во јавноста и на социјалните мрежи, и да изгласаме трета политичка сила во Собранието која ќе се избори за итно воведување на отворените листи.

Автор: Елизабета Најдоска Величкова

Слични Објави