Марш за Ангелите: Кочани повторно ќе чекори за правда
Со фотографии на починатите млади, транспаренти и бројни сеќавања, утре по 19-ти пат ќе се одржи Маршот за Ангелите во Кочани. Настанот започнува точно во 18:05 часот од градскиот парк, а колоната ќе се движи низ клучни точки во градот – трговскиот центар, општинската зграда, полицијата – и ќе заврши пред Судот и Јавното обвинителство.
Маршот е посветен на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ што се случи на 16 март, кога животот го загубија 62 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Болката за семејствата останува неизмерна, а барањето на одговорност и правда не престанува.
„Маршот не е само за нас, туку за сите кои сакаат да се запишат на страна на правдата и да ја поддржат нашата борба,“ велат организаторите.
Тие апелираат до сите што ќе се приклучат да учествуваат достоинствено, потсетувајќи дека секој чекор е исполнет со сеќавање на загинатите и со барање за праведно решение.

