ПРОМОЦИЈА НА „ЌЕ СЕ ЗАВИЈАМ ВО ПЕСНИ“ ОД СНЕЖАНА СТОЈЧЕВСКА

Во вторник, 29 октомври 2019, со почеток во 19,19 часот, во Салонот 19,19 на КИЦ-Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „Ќе се завијам во песни“од Снежана Стојчевска. Книгата е во издание на Книгоиздателството МИ-АН од Скопје, а промоцијата е во соработка со Културно-информативниот центар на Скопје. Промотори се Мишел Павловски и Владимир Мартиновски.

Поетската збирка на Снежана Стојчевска „Ќе се завијам во песни“ на очиглед го поставува автобиографското. Таа го варира мотивот на загубата на таткото, еден од најчестите во светската книжевност. Она што е специфично за оваа збирка, лајт-мотивот на светската поезија – загубата на ближниот – го вткајува во вековната македонска традиција манифестирана во обичајот оној што тагува да се завие во црно. Стојчевска овој адет го инверзира. Наместо да ја одбере пасивноста, црнилото и изолираноста, таа го одбира креативното одболување, активноста наспроти помирливоста, поезијата наспроти молкот. На тој начин, не само што добиваме Песни со голема почетна буква, туку добиваме и своевиден споменик на човекот по кого се тагува. Тој е тука, во нејзините песни, во нејзиниот исказ, во книгата. Уште повеќе, Таткото во книгата е најконкретно – преку факсимилите на неколку негови песни, се прави креативната спона меѓу двете поезии, така што Татковите песни можат да се исчитаат како интертекстуална предлошка на песните на Ќерката.





Претходна статија

ПРЕМИЕРА НА „ОРЕСТИЈА 1/4“ ВО МКЦ

Следна статија

“НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ“ ВО СКОПЈЕ И БИТОЛА

Најново од Култура