Промовиран онлајн водич за квалификации – дигитална алатка што ќе го олесни изборот на основците при упис во средно образование
За да им се олесни изборот на деветтоодделенците при уписите во средно образование, Министерството за образование и наука и Центарот за развој на стручното образование со поддршка од Швајцарската амбасада подготвија онлајн водич за квалификации – kvalifikacii.crso.gov.mk, кој ќе им овозможи да донесат информирана и правилна одлука за струката во која ќе продолжат да се едуцираат и понатаму да работат.
На денешната промоција на водичот, од страна на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, директорот на Центарот за развој на стручното образование, Бесник Зендели и заменичката амбасадорка на Швајцарија, Михал Харари беше посочено дека за првпат сите информации за стручното образование се централизирани на едно место и систематизирани на начин што овозможува лесно пребарување по сектори, квалификации, региони, училишта и нивоа.
„Водичот има информативна и советодавна улога и ќе им помага на учениците и нивните родители подобро да ги согледаат образовните насоки, перспективите за понатамошно образование, како и можностите за вработување и кариерен развој. Верувам дека младите ќе го користат и ќе си го олеснат изборот на средно училиште кога ќе дојде моментот за тоа“, рече Јаневска.
Јавна политика е неколку години наназад, рече министерката, да ги насочуваме младите кон избор на средно стручно образование, затоа што тоа е образованието што го бара пазарот на труд во Македонија и тоа е иднината на многу сегашни основци.
„Нема да биде нескромно ако кажам дека имаме исклучително квалитетен систем на средно стручно образование и особено ефикасен модел на дуално образование каде фокусот е ставен на учење преку работа, односно практична настава се реализира на реално работно место во компанија, наместо во училница. Ме радува што овој тип на образование не е само алтернатива за учениците, туку веќе неколку учебни години е прв избор, па така во оваа тековна учебна година од 17 илјади ученици запишани во прва година, околу 12 илјади се запишани во стручни училишта“, информираше Јаневска.
Идентична е уписната политика на Министерството за образование и наука и за новата учебна година. Објавениот конкурс подготвен заедно со општините и бизнис заедницата, нуди 25 илјади слободни места од кои 17 илјади се во стручни училишта, а од нив, скоро 7 илјади во дуалните паралелки, каде практичната настава ќе ја реализираат над 1000 компании кои ги препознаваат придобивките од директното вклучување во обликувањето на нивната потенцијална работна сила.
„Овие резултати, поволни за нашата економија и за намалување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на работна сила, ги остваривме со поддршка на повеќе домашни и меѓународни партнери, а особено голем поддржувач е Швајцарската влада и нејзините агенции, така што верувам дека за нови достигнувања во иднина, соработката ќе ја издигнеме на уште повисоко ниво“, додаде министерката.
