Протест „Ниту една повеќе“: Иднина без насилство, правда за жртвите
Попладнево, движењето „Ниту една повеќе“ повторно излезе на улица со јасна порака – крај на насилството врз жените и правда за сите кои институциите не успеале навремено да ги заштитат.
Организаторите побараа „иднина без насилство, должна правда за сите жртви кои не беа навремено заштитени“, но и конкретни мерки: законски измени, построги регулативи за насилниците и нивно гонење дури и во случаи кога нема поднесена пријава.
Овој протест следи по убиството на 31-годишната велешанка Росица Коцева, извршено на 15 септември од нејзиниот поранешен партнер, кој потоа си го одзеде животот. Настанот ја потресе јавноста и го поттикна вториот по ред протест.
Првиот протест се одржа минатата недела пред Министерството за внатрешни работи и со блокада на улицата кај паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје.
Од движењето најавија дека „вакви собири ќе се одржуваат секој четврток“, со цел притисокот врз институциите да не престане сè додека не се направат суштински промени.

