Протест во Белград по повод една година од нападот врз студентите на Факултетот за драмски уметности
Под слоганот „Една година – исти барања“ во Белград се одржа протестен марш на антивладини демонстранти по повод една година од нападот врз студентите од Факултетот за драмски уметности, јавува БГНЕС. На 22 ноември 2024 година студенти и нивни професори беа физички нападнати додека одаваа почит на жртвите од трагедијата на железничката станица во Нови Сад. И една година подоцна, ниту еден од напаѓачите не е изведен пред правдата.
Настанот предизвика бран студентски блокади и масовни протести низ цела Србија. Демонстрантите и денес бараат политичка одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на натсрешницата на станицата во Нови Сад, како и распишување предвремени избори.
Протестот започна пред зградата на факултетот во Нов Белград, каде присутните повторно им оддадоа почит на жртвите, по што тргнаа во протестно шествие. Маршот помина покрај институции и локации поврзани со нападот врз студентите, симболично потсетувајќи на нерешениот случај.
Од разгласот се слушнаа снимени пораки од студенти кои ја посочуваат одговорноста на властите и за насилствата врз демонстрантите и за трагедијата во Нови Сад, нагласувајќи дека нивната борба продолжува.
