|

Протести во Хирошима на почетокот на самитот на Г7

Демонстрации и протести се одржуваат во јапонскиот град Хирошима каде што рано утринава беше отворен самитот на Г-7, пренесува „Спутник“.

Луѓе со транспаренти и пароли како „Никогаш не дозволувај американско-јапонска агресивна војна против Кина!“ и “Не за Г-7! Не за империјалистичкиот самит! Не за нуклеарна војна!” маршираа низ улиците на Хирошима во тесен полициски обрач.

Бројот на полицајци на улиците се чинеше поголем од бројот на демонстрантите.

Полициските сили покажуваат воздржаност, но има и случаи кога демонстрантите биле туркани одзади за да забрзаат или биле одвлкувани од толпата. Демонстрантите, за возврат, се врзале со синџири и продолжиле по улиците во редици.

„Денеска се собраа околу 350 луѓе. Околу една третина од нив се студенти. Акцијата ја почнавме вчера и ќе продолжиме секој ден. Денеска ќе има уште еден митинг, по што демонстрациите ќе се упатат кон Куполата на атомската бомба,“ вели шефот на извршниот комитет на митингот „Хирошима против атомската војна“ и организатор на протестите, Рио Мијахара.

Куполата на атомската бомба до 1945 година бил изложбен објект во Префектурата Хирошима, и е единствената зграда што го преживеа атомското бомбардирање.

Мијахара, кој живее во Хирошима, вели дека на оротестот во четвртокот било уапсено едно лице.

„Вчера на демонстрациите беше приведен студент од Универзитетот во Хирошима. Ова се случи на место најблиску до областа на состанокот на највисоко ниво Јапонија-САД. Ова не е само жално, туку е неприфатливо. Имавме прилично активни демонстрации денеска по она што се случи вчера. Но вчера демонстрациите беа многу мирни. Полицијата почна да турка, луѓето почнаа да паѓаат. Беше прилично насилно“, рече Мијахара.

Самитот на Г-7 во Хирошима ќе трае од 19 до 21 мај и ќе се фокусира на конфликтот во Украина, економската безбедност, зелените инвестиции и на случувањата во Индо-пацифичкиот регион.

Освен членките на Г-7, Јапонија, како претседавач оваа година, упати покани и за Индија, Австралија, Бразил, Јужна Кореја, Виетнам, Индонезија, Куковите Острови и Коморските Острови, како и на шефовите на неколку меѓународни организации, меѓу кои и ОН, Светската банка и Светската здравствена организација.

Слични Објави