Грција ги привлекува дигиталните номади
Според грчкиот министер за туризам, земјата е идеална и за живот по пензионирањето
Перспективите што т.н „дигитални номади“ ги нудат за развој на Грција, , беше темата на првата конференција „Работа од Грција“, организирана од Marketing Greece – здружение создадено да ги презентира можностите на грчкиот туризам, јавува ЕРТ.
Министерот за туризам Василис Кикилијас на форумот кажа дека во очите на северноевропејците, Грција е идеална дестинација за работа како „дигитален номад“, но и како место за живеење по пензионирањето.
Кикилијас истакна дека Грција може да го комбинира традиционалното гостопримство со современи маркетинг алатки кои помагаат да се претстават нови туристички производи. Тој сподели дека претставници на големи меѓународни туристички компании изразуваат желба да работат во Грција и наведуваат дека климата во земјата помага за добрата психолошка состојба на нивните вработени.
Од своја страна, министерот за дигитална политика Кирјакос Пиеракакис кажа дека Грција веќе обезбедува различни олеснувања за дигиталните номади да се населат во Грција. Еден од нив е дека за неколку недели ќе може да се регистрира трговец поединец преку порталот на грчката администрација gov.gr.
Во 2018-та година администрацијата извршила 9 милиони електронски услуги, а годинава веќе достигнале 1 милијарда, додаваат од БТА.
Алтернативниот министер за надворешни работи Милтиадис Варвициотис истакна дека Грција е меѓу првите земји кои се ориентираат кон новиот тренд на дигитални номади. Грчкото МНР веќе воведе посебни деловни визи, визи за дигитални номади и студентски визи, а ќе продолжи со воведување медицинска виза за посетителите кои сакаат да дојдат на лекување во Грција.