Прв прекуграничен форум за соработка во културата и бизнисот Софија-Солун
Бугарското Министерство за култура го организира Првиот прекуграничен форум за стратешка соработка во областа на културата и бизнисот Софија – Солун 2024. Форумот ќе биде отворен на 2 јули (вторник) во 11:30 часот во галеријата Средец на Министерството за култура од заменик министерот за култура Виктор Стојанов. Целта на иницијативата е да се активира и прошири културниот дијалог меѓу Бугарија и Грција, јавува БГНЕС.
Главен учесник од грчка страна ќе биде „ХЕЛИКАС“ – организација чии членови се 10 општини од Северна Грција, како и Заедницата на општини во Централна Македонија, Заедницата на општини од Западна Македонија, универзитет и стопански комори и индустријата.
Агендата на форумот вклучува преглед на прекуграничната соработка во областа на културата меѓу двете земји, ќе бидат истакнати предизвиците и перспективите за нејзин успешен иден развој и проширување.
Ќе се разговара за можностите за развој на прекугранична соработка во областа на културата меѓу локалните власти и граѓанските организации; ќе се разговара и за иден патоказ за соработка во областа на културата.
Предвидено е и потпишување на посебни Договори за соработка меѓу претставниците на организациите кои учествуваат на форумот од двете земји.
Билатералната соработка во областа на културата меѓу Република Бугарија и Република Грција се развива во нагорна насока во последните години. Одржувањето на актуелниот форум за стратешка соработка во областа на културата и бизнисот ќе биде важен чекор за проширување на нашата интеракција и потврдување на улогата на културата како главен фактор за одржлив развој.
