Прва Конференција по повод европскиот ден на логопедијата
Прва стручна конференција на тема „Аугментативна и алтернативна комуникација“ ќе се одржи денеска во Скопје по повод Европскиот ден на логопедијата – 6 март.
Конференцијата е во организација на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје и Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас – Битола, а во соработка на Сојузот на дефектолози на Република Македонија.
Целта на оваа конференција е зголемување на свеста за логопедската професија и јавната свест за нарушувањата на вербалната комуникација како и нивното влијание врз човековото здравје.
Пораката на овој ден е дека преку размената на знаењата и искуствата низ цела Европа може полесно да се дојде до спречувањето на нарушувањата на говорот и јазикот или подобра превенција од нивните можни компликации. Секоја година се предлага една тема и често се користи заеднички слоган и заеднички материјали. Фокусот оваа година е насочен на аугментативната и алтернативната комуникација.
Останати категории (подрачја) и теми на конференцијата се :
– Дијагностика и рана интервенција кај децата со говорно-јазични нарушувања
– Клинички стратегии и трендови во рехабилитација на лицата со оштетувања на слухот и говорот;
-Законски регулативи кои го одредуваат професионалниот статус на логопедот во практиката;
Европската асоцијација на логопедите порачува дека превенцијата на нарушувањата во комуникацијата може да се постигне само со размена на знаења и искуства помеѓу логопедите ширум Европа.
