Започна манифестацијата Македонска книжевна визита во Софија
Десет македонски поети и писатели од сите генерации, од денеска до 12 мај во Софија ќе учествуваат на 11-тото издание на „Македонска книжевна визита“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија …
Организатор на оваа веќе традиционална манифестација е Книгоиздателството „Макавеј“ во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од Министерството за култура на Република Македонија.
Годинашната „Единасетта македонска книжевна визита“ ќе започне со голем поетски митинг во Македонскиот културно-информативен центар во Софија на кој ќе настапат дваесеттина бугарски и македонски поети, меѓу кои: Петар Караангов, Трајан Петровски, Поли Муканова, Милован Стефановски, Димитар Христов, Бранко Цветкоски, Роман Кисјов, Наташа Сарџовска, Владимир Левчев, Маја Апостоловска, Николај Шопов, Данило Коцевски, Владимир Луков, Смиле Наумовски, Патар Андасаров, Митко Гогов, Надја Попова и Душко Крстевски.
Се очекува поздравно обраќање на манифестацијата да има и Љубомир Левчев, добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата од Република Бугарија.
Книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист и публицист Трајан Петровски, е втората клучна содржина на годинашната Македонска книжевна визита во Софија. За поетското творештво на Петровски ќе говорат македонскиот поет и литературен критичар Бранко Цветкоски и бугарскиот поет и преведувач Димитар Христов.
Традиционално, во рамки на манифестацијата ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор-преведувач, кој значајно придонесол за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји.
Годинашен носител на ова признание е преведувачот, книжевен иследувач и публицист Ганчо Савов, кој во својот опус има десетина преведени книги од македонски писатели на бугарски јазик и над дваесетина студии и рецензии за дела, процеси и естетски тенденции во современата македонска литература.
Меѓу најголемите афирматори на македонската литература, дел од кои и добитници на „Дедалот“, се угледните современи бугарски писатели и преведувачи.
Овие преведувачи, кои се и афирмирани автори на бугарската литература, според организаторите на манифестацијата, заедно придонеле околу 60 дела од македонски автори во изминатата деценија да бидат пласирани и афирмирани на бугарската книжевна сцена, во копродукција на „Макавеј“ со бугарски издавачи.
Учесниците на манифестацијата и оваа година традиционално ќе го посетат и ќе положат цвеќе на гробот на Венко Марковски, еден од основоположниците на современата македонска литература.