| |

Игра на ниски страсти

Fb статус на Никица Корубин

Дека политиката е врвна вештина која бара многу знаење, искуство, традиција и систем на вредности; како и почитување на истите гледаме деновиве, во историјата што се одвива пред наши очи преку односот кон испраќањето на Кралицата Елизабета, како уникатен пример на константа и поткрепа на 20 и 21 век, чест опис на нејзиниот придонес, во свет на големи турбуленции и промени.

Но, политиката во наши, македонски услови упорно се држи до суштинската спротивност, компилација на ниски страсти, лукративност и примитивизам; како повик за одбивност и избрана привилегираност: со “политика”, читај “гола моќ и влијание” ќе се занимаваат само тие што имаат дозвола за тоа. За сите останати таа ќе биде недостистижна и компромитирана. Малку знаење, никаков однос, а апсолутна контрола. Со што? Па, со чувството на инфериорност, се разбира. Токму преку ниските страсти и експлицитната презентација деновиве, како опозициска пресметка, а всушност пресметка со европската иднина на државата.

Интересно е, гледајќи ги реакциите на “јавноста”, медиумите и експертите, дека тагата и очајот на известувањето на претседателот на Собранието, во однос на претпоставениот референдум, е поголем кај сите нив, отколку кај опозицијата која самата го иницираше. Избликот на чиста омраза, гнев и крајно недолично поведение, од медиуми, до експерти, преку добро позната “јавност”; сугерира уште еден неуспешен обид за директно блокирање на ЕУ интеграциите, а всушност загрозување на целата држава.

Иако, веќе полека се навикнуваме на “паднатите маски” и директноста во говорот на чиста анти-европска хистерија, уште од оркестрираната и организирана хајка, само пред неколку месеци на спречување на почеток на преговорите; секогаш изненадува колку ниско може да се падне во анти-европскиот занес, се’ помалку и поретко замаскиран во традиционалната одора на “патриотзмот и идентитетот” и колку брзо може да се стане назад во рувото на најголеми европски промотори и ЕУ експерти. Тој ролеркостер сигурно нема да биде возможен без поткрепата и поддршката која се чини само е начната, ама е доволно силна и во власта и во опозицијата.

И тое е инхерентниот проблем на општеството вис а вис дефиницијата на политика кај нас. Таа воопшто не е врзана за државата како механизам кој управува и го оддржува системот; туку е врзан за оддржување на систем на конкретно влијание, на наследени структури и кланови. Државата за нив е само средство, а не и суштина. Оттаму и постојаниот труд таа да биде предмет на омраза и потсмев, наместо идентификациона точка. Со други зборови, сериозно прашање е колку граѓаните имаат искрени, а не принудени сојузници на европскиот пат, што е всушност друг збор за единствено можен нормален и функционален живот; во актуелните политичари, нивната партократија и сенката која стои над сите: старите врски и новите обиди.

Од одговорот на ова прашање, во голема мерка ќе зависи и нашиот ЕУ пат, но и нашата иднина. Најиндикативен репер за тоа е односот на сите политички чинители, без исклучок, кон иницијативата Отворен Балкан, менталната зависност која се промовира, пропагира и живее; наспроти експлицитните, и се’ помалку контролабилни испади на никогаш згаснатите претензии на “српскиот свет”, за кој се зборува секаде, освен кај нас.

Сериозен испит на држава, членка на НАТО и ЕУ кандидат, за продолжување на “страсното” друштво кое е спротивно токму на нашите темелни заложби. Ама, и сериозен испит, пред се’, за власта и сите нејзини делови, на искреноста и посветеноста на европската перспектива, како суштина, а не како форма, слично како што беше и оценката на Талат Џафери на иницијативата на референдумот, суштинска, а не формална.

Или уште една очигледна илустрација, на вештачкото фаворизирањето на “добри соседи”: како помина веста за потенцијално решавање на енергетската криза? Договорена директна помош од Бугарија и Грција, исто така наши први соседи и стратешки партнери, ама нашата јавна благодарност и егзалтираност, ни приближно како слични паради на кои бевме сведоци со други соседи. Слично, како и односот кон вчерашниот почеток на скринингот, како практичен почеток, токму на она кое што всушност локалната “политика” на моќ и влијание се обидува да го избегне.

Влезот во НАТО и почнувањето на преговорите со ЕУ од аспект на Европа и САД, беа за Северна Македонија, “преминувањето на Рубикон”, односно неповратна активност. Тоа за разбира и за нас е неповратен процес, но кој нашата локална “политика на ниски страсти” во манирот на нивното лукративно, поданичко и итроманско разбирање на политиката, се труди да го успори, запре или целосно врати во 1991 или дури пред тоа.

Тоа што политиката е прашање и на духот на времето, но и на познавањето на историјата, е во голема мерка непознаница за сите кои себе си се нарекуваат и сметаат за влијателни. Но, тоа по автоматизам не ги прави лидери и визионери, туку многу почесто “извршители”. И токму на тоа сведочиме деновиве, финалната пресметка на “извршителите” кои не приметиле дека Рубиконот е поминат. Враќање назад нема. Затоа што назад нема повеќе ништо, без разлика на илузиите кои упорно ги негуваат. Има само напред. Да видиме кој прв тоа ќе го разбере и примени.



Слични Објави