| |

ПРВИОТ СВЕТСКИ ПРВАК ВО ШАХ ГО ЗАВРШУВА СВОЈОТ ЖИВОТ ВО ПСИХИЈАТРИЈА- ВО КАНЏИТЕ НА СИРОМАШТИЈАТА И ДЕПРЕСИЈАТА

Брилијантните спортисти честопати се контроверзни фигури во животот. Таква личност е и Вилхелм Штајнц – првиот официјален светски шампион во историјата на шахот. За време на својот живот, тој искусил речиси се: од слава и богатство до сиромаштија и живот во психијатриска клиника. Токму на такво место завршува и неговиот бурен живот пред точно 120 години – на 12 август 1900 година.

Роден во гето

Кога ќе го слушнеме зборот „гето“, обично ги замислуваме криминалните населби во Америка. Ова не е точно случајот со Штајнц. Роден е во еврејското гето на Прага и макар таму да немало банди вооружени до заби, сиромаштијата во оваа област е застрашувачка. Волф (подоцна го менува името во Вилхелм) е 13-то дете во семејството, а објаснувањето дека главната задача на неговите родители е да го хранат големото семејство е веројатно непотребно.

Но, во тие години, еврејските семејства, дури и во услови на тотална сиромаштија, посветувале големо внимание на образованието. Таткото на Вилхелм, Јосиф, го видел талентот на својот син во играњето шах и на секој можен начин се обидувал да го охрабрува да продолжи да го развива својот талент. Сосема разбирливо – младиот генијлец заминува да учи математика во Виена.

Пари од комар и збогум на училиштето

Токму во австриската престолнина Штајнц го менува своето име од Волф во Вилхелм. Сепак, далеку од очите на родителите, тој тргнува по лош пат. Наместо да учи, тој претпочита да се дружи со боемите во виенските кафулиња и барови, каде заработува пари играјќи „врзан“ шах. Вилхелм сфаќа дека шахот може да биде профитабилен бизнис и одлучува да се обложи на се.

Политехничката школа исто така смета дека е подобро Штајнц да се фокусира на нешто друго. Неговиот успех е слаб, а наставниците ретко ги гледаат неговите очи. Така Вилхелм започнува нов и интересен живот како патувачки шахист.

Штајнц е пред своето време

Лондон, Њујорк, Баден-Баден – каде и да оди, тој ги победува своите ривали. Победува на сите турнири на кои учествува и неговата слава расте. Време е да го направи следниот чекор и да се бори за официјалната титула на светски првак во шах.

Штајнц е првиот шахист што ги формулира принципите на позиционирање кои се во основата на модерниот шах, испраќајќи ја во историјата романтичната игра на комбинации која доминирала како стил пред неговото појавување.

Ова е вистинска револуција.

Еден од ретките што можат да му се спротивстават на Вилхелм е Јохан Цукерторт. Токму со него Вилхелм го одигрува првиот натпревар за светската титула во 1886 година. Експертите забележуваат дека покрај тоа што е генијален шахист, Штајнц има и неверојатна интуиција која му помага да ги предвиди идните потези на противникот со зачудувачка точност. Вилхелм го добива натпреварот и ја освојува титулата светски првак во шах, а потоа успева и да ја одбрани на неколку пати. Идилата продолжува до 1894 година, кога почнуваат да се случуваат чудни работи со Вилхелм.

Семејна драма и разорна депресија

Во 1894 година, Штајнц ја губи светската титула од Емануел Ласкер. Главната причина за неговиот пораз, не е тоа што тој бил послаб од новиот шампион, туку заради потресна семејна драма. Непосредно пред финалето, тој прво ја губи својата сакана 18-годишна ќерка, а потоа и сопругата. Длабока депресија, тага, несоница, дезориентација … Вилхелм нема шанси да се концентрира целосно врз играта. И ја губи титулата.

По извесно време, Штајнц го предизвикува Ласкер за нов натпревар. Двете страни доаѓаат до договор за нов натпревар, којшто треба да се одржи во Москва. Вилхелм е полн со надеж дека ќе ја врати шампионската титула, но губи по втор пат. По поразот, Штајнц решава да остане во Русија, каде што ужива голема почит во шаховските кругови. Почнува да работи како тренер, консултант и автор на шаховска литература.

Психијатријата

За да ги зачува своите стратегии, мисли и белешки, Вилхелм ангажира секретарка, која да ги запишува и архивира неговите мисли. Жената брзо забележува дека нешто не е во ред со однесувањето на шахистот. Тој си зборува сам, ја тресе главата неприродно и долго време гледа во една точка на прозорот, заборавајќи за нејзиното присуство. Загрижена за состојбата на Штајнц, стенографката му раскажува за случувањата на сопственикот на хотелот во кој престојува Вилхелм и така на генијалецот му е понудено бесплатно лекување во московската психијатриска болница.

Штајнц е свесен дека е со нарушено психичко здравје и без никаква принуда самиот заминува да се лекува.

Никој не верува дека е поранешен светски шампион во шах

Психијатриските клиники се полни со „наполеоновци“, а некои од нив тврдат дека се Александар Велики. Штајнц е далеку поадекватен од своите „пријатели“ во болницата, но и покрај тоа лекарите не веруваат дека кај нив се лекува генијален шахист и поранешен светски шампион.

Сосема случајно, еден млад лекар и обожавател на играта решава да провери дали овој луд човек навистина знае да игра шах. Не му треба долго време за да ја дознае вистината, Штајнц го победува во три последователни натпревари само со неколку потези.

Вилхелм Штајнц излегува од психијатриската болница во Москва и заминува за Њујорк со цел да се присети на славните денови од неговата кариера. Сепак, тие се зад него, а џебовите му се празни. Поранешното момче од еврејското гето во Прага не може да стори ништо друго освен да игра шах. Набрзо потоа Штајнц добива нов нервен слом и повторно влегува во психијатриска клиника. Сепак американските лекари не успеваат да го пронајдат вистинскиот пристап кон неговиот гениј и големиот шахист заминува од овој свет на 64-годишна возраст – сиромашен и уништен.



Слични Објави