Турски театар – Скопје со претставата „Слепите“ на Балканскиот театарски фестивал во Благоевград
Во рамките на главната програма на Балканскиот театарски фестивал 2025, кој ќе се одржи од 1 до 7 ноември во Благоевград, ќе гостува претставата „Слепите“ по едноимената драма на Морис Метерлинк, во изведба на Турски театар – Скопје од Северна Македонија. Режијата е на Кендрим Ријани, кој го претвора класичниот симболистички текст во современа алегорија за човечката несигурност, верата и потребата од насока во свет без јасни ориентири, јавува Благоевград њуз.
Претставата ја следи приказната за група слепи луѓе оставени во непознат простор, без водач и без насока. Во темнината меѓу стравот и надежта тие го бараат својот пат. Режисерот Ријани преку мотивите за идентитет и припадност ја пренесува симболистичката приказна во реалноста на денешницата. Минималистичната сценографија, суптилниот звук и тишината, како и прецизната актерска игра, создаваат интензивна атмосфера и го насочуваат вниманието кон внатрешните состојби на ликовите.
Делото „Слепите“, напишано во 1891 година од белгискиот нобеловец Метерлинк, е едно од најзначајните дела на европскиот симболизам. Наместо класични карактери, во него дејствуваат фигури кои ја претставуваат човечката состојба – страв, очекување, надеж – а токму паузите и молкот ја создаваат драмата.
Официјалното отворање на фестивалот ќе се одржи на 1 ноември во 19:00 часот на плоштадот „Георги Измирлиев“ во Благоевград, со влез слободен. Претставата „Слепите“ ќе биде изведена на 5 ноември во 19:00 часот на сцената на Драмски театар „Никола Вапцаров“ – Благоевград. Публиката ќе може да ја следи со субтитли на бугарски и англиски јазик.
Билетите се достапни на билетарницата на театарот и онлајн на dtblagoevgrad.com
.
Балканскиот театарски фестивал го обединува врвот на театарската уметност од Бугарија, Северна Македонија, Романија, претставувајќи современи сценски експерименти и културен дијалог меѓу земјите од регионот. Настанот се реализира со поддршка од Министерството за култура на Бугарија и Националниот фонд за култура на Бугарија преку програмата „Фестивали“ 2024.
