ПРВО „ФИНАЛЕ“ ЗА ВАРДАР: ПОБЕДА НАД ПОРТО МОЖЕ ДА ЈА СМЕНИ СЕЗОНАТА!

Вардарци го играат најважниот натпревар во овој момент, на гости кај Порто, денеска од 16 часот. Сите проблеми со повредени играчи, заминати играчи, сменети тренери, неисплатени платиго доведоа во ситуација да игра меч со вредност на „финале“, кога всушност е за освојување на петтото место во групата Б.

Ако Вардар го совлада Порто – готово е, петтото место е сигурно. А тоа е важно за да се избегнат ПСЖ или Пик Сегед и да се оди на Алборг или Фленсбург во осминафиналето. Ако вардарци освојат два бода во Португалија денеска апетитите ќе пораснат и достижно ќе стане и четвртото место, кое во моментов го држи Монпелје, а ќе гостува во Скопје во последното коло.

Што значи, денешното гостување може да донесе многу за Вардар и да отвори надеж за една поинаква сезона од она што изгледаше на почетокот на месецов, кога си заминаа Криштопанс и Атман. Со оглед дека Вардар веќе го совлада Порто во првиот меч, во Скопје, во некои подетални математики може да му одговара и пораз. Ако тој веќе е неизбежен, нека биде со помалку од пет гола разлика, бидејќи во септември беше 30-25 во „Јане Сандански“, па ако дојде до мерење на меѓусебниот дуел Вардар би бил поуспешен.

Меѓутоа никој не се потпира на такво сценарио, особено што Порто максимално ќе запне за дуелот со актуелниот европски шампион, за потоа во последното коло да оди на два бода и во Белорусија, против Мешков Брест. Тоа е тим кој дојде во групата од седмиот „шешир“ и важеше за еден од, условно, аутсајдерите, но излезе дека може да го победи еден Кил среде Германија и Монпелје среде Франција.

Познати се дека практикуваат игра „7 на 6“ во нападот, воигран колектив кој растеше од натпревар во натпревар и на ЕП во јануари, во дресот на Португалија, а имаат и одличен голман во Кинтана. Вардар, пак, колку и да има лимитиран состав, на терен ќе излезе со една промена во однос на последниот дуел, со Мотор. Третиот голман, Васил Гогов отпадна, а на негово место шанса доби Ален Ќосевски. Тој е десно крило, а левораки ракометари никогаш доста, откако Криштопанс си замина, па и Чупиќ мораше да покрива на десен бек.

Извор: Спорт1



Слични Објави