| |

Прво издание на фестивалот „Калата“ во Бургас посветен на легендарниот бугарски актер Георги Калојанчев

Од 5 до 8 септември во Бургас ќе се одржи првото издание на фестивалот „Калата“, посветен на 100-годишнината од раѓањето на легендарниот бугарски актер Георги Калојанчев, кој потекнува токму од овој морски град, јавува БНР. Годинава јубилеј одбележува и уште еден омилен комичар – Георги Парцалев, поради што во рамките на програмата ќе бидат прикажани и филмови со негово учество.

Фестивалот нуди богата и шаренолика програма – покрај филмските проекции, ќе има натпревар за најсмешен костум, битки за најдобар виц и уште многу забавни активности.

Еден од организаторите, актерот и режисер Николај Урумов, изјави дека ова е остварување на негова долгогодишна желба:
„Секогаш сум сакал да реализирам проект во кој комедијата ќе биде во центарот, но и да има и содржини за деца. Амбицијата ми беше фестивалот да опфати повеќе уметности – не само кино и театар, туку и улична уметност, перформанси, циркус, стенд-ап и други формати. Со КАЛАТА тоа конечно е реалност.“

Урумов додаде дека се надева младите преку фестивалот ќе го откријат делото на Калојанчев и ќе почнат да гледаат негови филмови. На настанот ќе присуствуваат и неговиот син Ивајло Калојанчев, како и правнуките на актерот.

За да се доближи фестивалот до помладата публика, за водител е избран Даниел Петканов, познат меѓу тинејџерите. Со прикажувањето на филмот „Мисија Лондон“ ќе биде оддадено признание и на писателот Алек Попов.

„Идејата е уметноста да не се прикажува само во салите, туку и на улиците, што е природен начин да се привлечат различни публики и да се вклучат луѓе од сите возрасти во културниот живот на градот“, изјави Дијана Саватева, заменик-градоначалник за култура.

Весела Јорданова, директор на Дирекцијата за култура и односи со јавност, додава: „Освен што со ентузијазам го поддржуваме фестивалот, причината тој да стане традиционален и препознатлив во националната културна карта е и фактот дека Бургас има многу значајни личности во културата.“

Слични Објави