ПУБЛИКАЦИЈА ЗА КУЛТУРНОТО, УМЕТНИЧКОТО И ГАСТРОНОМСКОТО БОГАТСТВО НА ДЕМИР ХИСАР

Библиотеката „Ал-Би“ од демирхисарското село Бабино промовира Водич низ културното, уметничкото и гастрономското богатство на Демир Хисар.


Станува збор за публикација, поддржана од Министерството за економија, сектор за туризам и угостителство со која се овозможува секој читател, посетител и турист да се запознае, како што вели издавачот Стево Степановски, со уникатната и недопрена убавина и да вкуси од демирхисарски специјалитети.


– Публикацијата е лесно читлива, во 40 страници на кои доминираат фотографии од селата Бабино, Слоештица, Смилево,Вирово, Жван, Железнец…манаститор во Слепче, цркви во демирхисарско и други објекти. Но, во публикацијата читателот може да прочита и за стариот даб кој се наоѓа во непосредна близина на манастирот !„Св. Петка“, за изворите на Црна Река, потоа за валавиците по течението на Бела Река и други реткости, истакна Степановски.


Во Водичот посебен дел е посветен на кулинарските богатства во демирхисарско и публикувани се рецепти за подготовка на бакрданик, ѓомлезе, кашаник, свирипиле, макало со грав и суви пиперки и друга, како што нагласи Степановски, вкусна храна позната за демирхисарското поднебје.