Путин како реминисценција

//

Пишува: Владимир Перев

Го слушав Путин внимателно. Ми се потврди теоријата дека русите се цареви за паради, а бугарите за панахиди. Резултатите се никакви, и кај едните и кај другите…додуша, бугарите нешто се подоправија последниве три-четири години.

Рускиот ми е никаков, ама и некои други како мене, исто така го слушале Путин внимателно. Разбрав достатачно. Во еден збиен говор од десетина минути кажа нешта кои беа познати на сите кои барем еднаш биле во Русија. Оние пак од Источниот “лагер“ знаеја сѐ, уште пред да проговори. Ги спомна сите места, сите битки, сите личности важни за “великата“ Русија…ги спомна и нацистите и, нему љубимите му неонацисти. Единствено не го спомена Павката Морозов, момчето кое е политички и социолошки “најзаслужата“ личност на советскта колективизација…ако Морозов и воопште бил некаква личност. Повеќето од нас македонците не чуле за него и тоа е добро. Треба да се прифати како привилегија на слободниот југословенски, “неврзан“ свет.

Некаде кон крајот на својот говор, околу осмата минута, Путин скржаво кажа неколку думи, во смисла на тоа дека некој сака да направи национална и верска “вражда“ во руското општество, или во армијата, не разбрав точно. Впрочем, не е ни важно. Беше кажано.

Ми заличи на Тито, оној “нашиот“ Тито кој во секоја пригода говореше за “братството и единството“, сепак детално споменувајќи ги југословенските републики и нации. Тито секогаш говореше за Југославија, ама за “југословенството“ говореше во поширока и недефинирана смисла…онака како што Путин говореше за Русија на парадата. Беше цврест и убедлив, ама думичката “вражда“ одекна во моите уши како камбана, звоно за аларм. Само еден збор, кажан набрзина, ама заличи на оние титовите изреченија од типот “…и никоме не дајмо да разруши братство и јединство наших народа и народности“.

Се прашувам дали е можно крајот на Русија да биде со “вражда“ слична на југословенската кланица. Не дај Боже такво нешто никому да не му се случи, ама малку внимателност, не е на одмет. Башка, човекот не ми изгледаше баш здраво. Беше некако подбул и отечен, како некои мои пријатели по долгите пијанки…ама, Путин не пие! Тука е проблемот.

Ние македонците, исто како и бугарите. Удривме на панахиди. Некакви доодени старци, кои за време на војната не можеле да бидат ни комсомолци, а камоли борци, ни држат часови низ земјава за “борбата против бугатскиот фашистички окупатор“. Сега додаваат и ставка “бугарската администрација“! Да биде јасно, да се знае дека и против администрацијата сме се бореле.

Сепак, слушнав и една теза, често слушана, но сега и обрнав посебно внимание. Именно, ние (македонците) секогаш сме биле на “правата страна на историјата“ и сме биле победници или така некако. Се гледам себе сѝ, ги гледам оние кои биле на “не-правата“ страна на историјата и се чудам. Треба некаде да има некоја голема грешка…или ние сме полуделе, или историјата грозно се поиграла и сеушете си поигрува со нас!



Претходна статија

(Видео) Кличко: „Ќе ја браниме нашата земја, нашите семејства и нашите деца до последно“

Следна статија

Заедничко оддавање почит кон ликот и делото на Венко Марковски во Софија

Најново од Истакнато