|

Путин се сретна со американскиот пратеник Стив Виткоф во Москва пред истекот на ултиматумот од Трамп

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со американскиот пратеник Стив Виткоф во Москва, потврди Кремљ — само два дена пред истекот на ултиматумот што го постави американскиот претседател Доналд Трамп, со кој се бара Русија да го запре офанзивното делување во Украина или да се соочи со нови санкции, јавува БГНЕС.

Трамп, кој во повеќе наврати изјави дека може да го заврши конфликтот во рок од 24 часа откако ќе ја преземе функцијата, ѝ даде рок на Москва до петок, 8 август, да покаже напредок кон мировен договор. Во спротивно, ќе следуваат нови економски казнени мерки.

Досега три рунди мировни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул не донесоа конкретни резултати за прекин на огнот. Во меѓувреме, Русија ги интензивираше нападите со дронови и ракети, достигнувајќи рекордно ниво, додека копнените сили напредуваат дури и во региони кои Москва официјално не ги анектирала.

Кремљ објави снимки од ракувањето меѓу Путин и Виткоф пред почетокот на разговорите, но не сподели дополнителни детали за содржината на средбата.

Во пресрет на оваа средба, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика администрацијата на Вашингтон да изврши поголем притисок врз Москва со цел да ја принуди да ги прекине борбените дејствија.

Од Белата куќа сè уште не откриваат конкретни чекори што ќе бидат преземени ако Русија не покаже отстапки, но Трамп најави можност за воведување на „второстепени царини“ за трговските партнери на Москва, како што се Кина и Индија — мерка која би имала за цел да го задуши рускиот извоз, но и потенцијално да предизвика сериозни пореметувања во глобалната трговија.

Трамп изјави дека ќе го почека исходот од средбата во Москва пред да донесе конечна одлука за економските контрамерки.

Слични Објави