РАБОТНИЧКИ АНГАЖИРА СРПСКИ ТРЕНЕР КОЈ ВО 2008 ПОБЕГНА ОД ВАРДАР ПОРАДИ – КОСОВО!
Фудбалскиот клуб Работнички денеска го промовираше српскиот стратег Ратко Достаниќ за нов тренер.
Србинот во македонската јавност остана запаметен по потегот што го направи откако седна на клупата на Вардар. Тој беше назначен за кормилар на „црвено-црните“ во јуни 2008 година, а скандалозно си замина во октомври и тоа поради патриотски причини. Достаниќ преку телефон го информираше раководството на Вардар дека повеќе нема да биде тренер, бидејќи Македонија го признала Косово. Очигледно неговите чувства сега се променија па среќен е што се враќа во Македонија и што седнува на клупата на тимот од Дебар Маало.
„Работнички е голем клуб, голема чест ми е што добив понуда да го преземам тимот. Ова е голем предизвик за мене и можност повторно да работам во Македонија. Добро сум запознат со квалитетот на составот, апсолутно не е соодветствува со актуелниот пласман на табелата и ќе се трудиме тоа брзо да го подобриме. Со напорна работа и добра клупска стратегија верувам дека Работнички брзо ќе се врати на позициите што му припаѓаат“, изјави Ратко Достаниќ за клупската интернет страница.
Тој ќе го води клубот до крајот на сезоната, а договорот би можел да биде продолжен на уште една година, во зависност од резултатите. Инаку Достаниќ има големо тренерско резиме изминативе две децении, а последно работеше во Земун. Тој ќе биде третиот тренер на Работнички сезонава по Александар Влахо и Марјанчо Андрески.
Извор: Спорт1
