Радев и Ван И разговараа за инвестиции и заеднички проекти меѓу Бугарија и Кина
Можностите за проширување на билатералните односи, поттикнување на инвестициите и реализација на заеднички проекти беа меѓу главните теми на средбата меѓу бугарскиот премиер Румен Радев и министерот за надворешни работи на Народна Република Кина, Ван И, кој престојува во посета на Бугарија. Ова е прва посета на шефот на кинеската дипломатија на Софија по 11 години, јавува БГНЕС.
Радев ја нагласи историската врска меѓу двете држави и потсети дека Бугарија е втората земја во светот што ја признала Кина и воспоставила дипломатски односи со Пекин. Тој се осврна и на својата државна посета во 2019 година и потпишувањето декларација за стратешко партнерство со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Во однос на економската соработка, бугарскиот премиер се заложи за премин од трговија кон заеднички проекти во важни економски сектори.
„Мислам дека можеме да продолжиме напред и да одиме подалеку од трговијата, а веќе да зборуваме за заеднички проекти во важни гранки на економијата. И перспективите во нашите односи ги гледаме во изградбата на подобра поврзаност меѓу Европа и Кина, каде што Бугарија навистина има исклучително важно место како порта кон Европа во однос на транспортната, енергетската и дигиталната поврзаност“, изјави Радев.
Тој додаде дека Бугарија нуди услови за инвестиции во електрични автомобили, енергетика, земјоделство и високи технологии.
Ванг Ји пренесе поздрави од кинескиот претседател Си Џинпинг и премиерот Ли Ќијанг и изрази уверување во развојот на билатералниот дијалог со новата влада во Софија.
„Многу ми е драго што ја посетувам Бугарија по успешното формирање на владата. И најнапред би сакал да ги пренесам најдобрите поздрави и најдобрите желби од претседателот Си Џинпинг и од премиерот Ли Ќијанг“, изјави Ван И.
Тој ја нагласи подготвеноста на Пекин за тесна соработка со Софија со цел „подигање на билатералните односи на ново, повисоко ниво“, преку продлабочување на меѓусебната политичка доверба и проширување на практичното партнерство.
