| |

Радев од Црна Гора: Не можеме да си дозволиме некој да го гради својот модерен идентитет на антибугарска основа

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера испрати писмо до европските лидери и институции, во кое повикува приемот на РСМ во ЕУ да се заснова на исполнување на критериумите за членство, а не на лобистичка политика.

Целта на ова писмо е да се спречи инфилтрирање на идеологијата на омраза и етничка дискриминација во ЕУ. Не можеме да си дозволиме некој да го гради својот модерен идентитет на антибугарска основа, рече претседателот Радев кој е во посета на Црна Гора.

„Целта на писмото е да и помогне на ЕУ подобро да ги разбере нашите проблеми и да не отстапува од нејзините принципи, одлуки и демократски вредности, бидејќи долгорочно тоа не води кон одржливост на Унијата. Тоа го поткопува нашето единство. Другата важна цел е да се помогне на РСМ на патот на нејзината евроинтеграција, кога ќе видиме дека скршнува од овој пат“, вели Радев.

„За нас е исклучително важна забрзаната интеграција на РСМ во ЕУ, но Бугарија е одговорна членка на ЕУ и како таква, ние не можеме да останеме рамнодушни кон иднината и одржливиот развој на Унијата. Доколку некои се подготвени на компромис со европските принципи и вредности заради остварување минливи политички цели, ние не сме“, рече Радев.

Тој нагласи дека вклучувањето на Бугарите во уставот на РСМ и гарантирањето на нивниот рамноправен статус е само увертира за почеток на преговорите. Има и други важни услови – Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и двата важни протоколи на состаноците на Меѓувладината комисија. Таму се преземени обврски – отфрлање на јазикот на омраза кон Бугарија, прекин на дискриминацијата на оние кои се изjaснуваат како Бугари, ревизија на учебниците, отворање на архивите на бившите југословенски служби, посебно во делот каде што е опишан погромот на Бугарите во РСМ. Во моментов нема никаков развој во однос на овие работи и не можеме да дозволиме една земја на овој начин да влезе во ЕУ со компромиси, рече претседателот.

Без разлика дали земјите од Југоисточна Европа се земји членки на Европската Унија или се изјасниле за амбиција да се приклучат кон Обединета Европа, обезбедувањето стабилност, безбедност и просперитет на регионот се заеднички цели за сите нас. Ова го изјави Радев, кој на покана на неговиот колега претседателот Јаков Милатович учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Самитот во Подгорица го означува крајот на ротирачкото црногорско претседателство со форматот. Бугарија е иницијатор за создавање на ПСЈИЕ, чиј почеток беше формиран во 1996 година во Софија.

Претседателот Радев во својот говор на форумот истакна дека стабилниот развој на Европската унија зависи и од стабилноста и безбедноста на Балканот. Затоа, на земјите од регионот им требаат повеќе алатки за поддршка на регионалната соработка. Како најефикасна алатка во оваа насока, шефот на државата го издвои процесот на проширување на ЕУ, кој има огромен придонес во консолидацијата на демократските принципи, владеењето на правото, почитувањето на човековите права, поврзаноста, создавањето нова инвестициска клима и економска иницијатива за целиот регион. Дали како регион ќе можеме да ги искористиме овие можности зависи само од нас“, потенцира Румен Радев.

Слични Објави