| |

Радев од Варшава: „Зборот „отстапка“ не постои во мојот речник во однос на Северна Македонија“

Зборот „отстапка“ не постои во мојот речник во однос на Северна Македонија, ова го изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев, подвлекувајки дека Бугарија е подготвена да ја поддржи Република Северна Македонија на патот кон ЕУ, но инсистира на почитување на европскиот консенсус и исполнување на преземените обврски.

Радев изјавата ја даде во Варшава, каде што се наоѓа, како учесник во самитот на иницијативата „Три Мориња“, јавува Медиапул.

Радев нагласи дека темата за евроинтеграцијата на Северна Македонија била дел од неговиот разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.

„Ние воопшто не зборуваме за отстапки. Таков збор во мојот речник во однос на Република Северна Македония не постои. Јас целосно го разбирам претседателот на Европскиот совет, кој сака забрзана интеграција на Западниот Балкан, особено во светлината на геополитичките превирања. Но, од мене тој доби јасна порака – овој процес мора да биде траен и неповратен, заснован на почитување на демократските принципи на ЕУ и Копенхагенските критериуми“, рече Радев.

Тој потсети дека Скопје има конкретни обврски дефинирани во преговарачката рамка и протоколите, кои мора да ги исполни.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ продолжува да одбива да ги поддржи уставните измени за вклучување на бугарската заедница, кои се клучен услов за почеток на суштинските преговори за членство во ЕУ.

Партијата тврди дека може да „договори подобри услови“ со ЕУ, што Европската комисија веќе неколкупати го негираше. Сега, ВМРО-ДПМНЕ предлага промените да стапат на сила по приклучувањето кон ЕУ.

„Очекувам водството на Северна Македония да покаже државнички пристап и конечно да ги исполни првите услови – усвојување на уставните измени за да се отворат вратите за преговори“, рече Радев.

Тој додаде дека проблемите со владеењето на правото и корупцијата во земјата не треба да се маскираат со тврдења дека „Бугарија им пречи“.

„Не, Бугарија не пречи, туку е подготвена да помага. Северна Македония едноставно мора да ги спроведе потребните реформи“, заклучи бугарскиот претседател.

Слични Објави