Радев заминува за Австрија на покана на канцеларот Карл Нехамер
Бугарскиот претседател Румен Радев заминува во дводневна посета на Австрија на покана на австрискиот канцелар Карл Нехамер.
Се очекува Радев да разговара за продлабочување на соработката меѓу Софија и Виена, како и за пристапување на Бугарија во Шенген. На крајот на минатата година, Австрија гласаше против пристапувањето на Бугарија и Романија со образложение дека отстранувањето на граничните контроли со двете земји ќе го зголеми притисокот на мигрантите. Ова е став кој Софија и Букурешт не го делат, потсетувајќи дека ги исполниле сите технички критериуми за членство.
Пред денешната средба со австрискиот канцелар во Виена, претседателот Радев ќе учествува на тркалезна маса во организација на Стопанската комора на Австрија. На настанот ќе учествуваат претставници на бугарскиот и австрискиот бизнис.
Румен Радев утре ќе учествува на Европскиот форум „Вахау“ што се одржува во Долна Австрија. Темата на овогодинешното издание на меѓународната манифестација е – градење на одржлива, зелена и конкурентна Европа.
Форумот се организира од 1995 година, кога Австрија се приклучи на Европската унија. На настанот се разговара за заедничките европски политики и идеи за иднината на унијата.