Унапредувањата за вработените во Универзална сала биле донесени од претходниот директор
Директорот на Универзална сала, Горјан Христовски, вели дека одлуката за унапредување одредени вработени била донесена од претходниот директор, Филип Аврамчев. Неговата изјава следува по вчерашната расправа на седницата на Советот на Град Скопје, а на која некои од советниците реагираа на барањата за унапредување.
„Со почнување на реконструкцијата на ЈУ Универзална сала – Скопје во јуни 2021 година, а во согласност со претходно спроведена функционална анализа и усвоен правилник за систематизација на работните места во ЈУ Универзална сала – Скопје, со број 02-200/2 од 18.9.2020 година, усвоен од страна на Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), во согласност со бр. 12/6-3183/4 од 22.9.2020 година, се изврши реорганизација во процесот на работење на установата. Поради ова, тогашниот директор на установата, Филип Аврамчев, донесе решенија за распоредување на работните места на некои од вработените“, вели Христовски во дописот до медиумите.
Распоредувањата на вработените, како што додава, се извршени во согласност со горенаведената систематизација, како и со исполнување на општите и посебните услови што ги предвидува таа.
Инаку, меѓу барањата за унапредување се домаќинот, хаузмајсторот, хигиеничарот и возачот да бидат унапредени во сценски работници и тон-мајстори.