| |

Радман од Софија: Само уставните измени во РСМ ќе го отворат патот кон евроинтеграциите на земјата

Само уставните измени, ќе ѝ овозможат на Северна Македонија понатамошни преговори со ЕУ. Хрватска го поддржува спроведувањето на францускиот предлог. Ова го изјави министерот за надворешни работи и европски прашања на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој е во официјална посета на Софија на покана на вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел, јавува БГНЕС.

Двајцата министри разговараа за соработката меѓу Бугарија и Хрватска во рамките на ЕУ и НАТО, пристапувањето на Бугарија во Шенген зоната и во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР), војната во Украина и други важни теми од меѓународната агенда.

„Бугарија и Хрватска заедно можат да дадат одговори на многу предизвици“, нагласи Марија Габриел.

„Бугарија ги исполни сите шенгенски критериуми и очекувам поддршка од нашите европски партнери“, рече таа.

„Нашата желба е да постигнеме висок степен на координација со Хрватска на политичката агенда“, додаде Габриел.

Радман од своја страна се заблагодари за поканата и гостопримството.

„Хрватска и Бугарија се поврзани со 100 годишна историја. За многу прашања, имаме слични интереси во сојузите во кои членуваме заедно“, рече тој.

„Важна компонента на нашата соработка е обезбедувањето на надворешните граници, а Бугарија ќе има вистинска поддршка од нас за Шенген“, додаде Радман.

„Мораме да направиме се за членството во ЕУ да стане атрактивно како што треба, за да се спроведат реформи. Проширувањето мора да се заснова на исполнување на критериумите“, истакна хрватскиот министер за надворешни работи.

Тој сподели дека заедно со Габриел обрнале внимание на прашањата што ја засегаат Босна и Херцеговина и реформите во изборниот закон на таа земја.

Радман изрази надеж дека наскоро ќе започнат преговорите со БиХ и дека за тоа ќе работат сите политички фактори.

Габриел и Радман подоцна денеска ќе го посетат 102-то основно училиште во Софија во кое се одвива настава на хрватски јазик.

Во рамките на посетата на хрватскиот министер на нашата земја, предвидени се средби со шефот на државата Румен Радев, со премиерот академик Николај Денков и со претседателот на Народното собрание Росен Желјазков.



Слични Објави