| |

(Видео) Новиот претседател на МПО Метју Стефанов пред БГНЕС: Македонските Бугари ја создадоа МПО, која ги обединува сите Македонци без разлика на нивната етничка припадност

Македонската патриотска организација (МПО) отсекогаш го потврдувала тоа дека ја создале македонските Бугари кои дошле во Северна Америка. Нејзината цел е да ги обедини сите Македонци, без разлика на нивната етничка припадност. Ова специјално за агенцијата БГНЕС го изјави Метју Стефанов, новоизбраниот претседател на МПО на 101-от конгрес на организацијата во Колумбус, Охајо.

„Роден сум во 1988 година. Првите сеќавања од конвенција на организацијата ми се од 1994-1995 година. Не се сеќавам многу од мојот прв конгрес, но се сеќавам на танците и на тоа како мама и тато ме учеа да танцувам. Едно од моите сеќавања е поврзано со разбирањето за продолжувањето на мојата култура. Роден сум во Канада, но бев свесен за важноста на мојата поврзаност со културата што ми ја пренесоа баба ми и моите родители. И она што го научив на конвенцијата беше важно за мојот развој“, рече тој.

Таткото на Метју, Ник Стефанов, е длабоко вклучен во организацијата и често и опширно зборува со својот син за нејзините идеи. Често пишува и објавува работи поврзани со неа.

„Никогаш не мислев дека еден ден ќе бидам во позиција да имам големо значење и глас во МПО. Но, секогаш сакав да имам улога и да ја промовирам идејата, следејќи ги стапките на татко ми“, споделува новиот претседател на МПО.

Големиот фокус, според Метју Стефанов, сега и секогаш бил да се поддржат активностите на МПО заради нејзината иднина.

„На овогодинешниот конгрес донесовме нов указ во корист на тоа МПО да ги обединува сите Македонци, без разлика на етничката припадност, што ќе и помогне на македонската заедница. Мислам дека ова е важно затоа што ќе се постави насока за линија за промовирање на идејата дека сите Македонци, без разлика на етничката припадност, треба да ни се придружат и да го почитуваат своето наследство“, рече Стефанов.

Следниот фокус, според него, е МПО да ги привлече младите.

„Во духот на ова беше избран и новиот ЦК со тројца нови членови многу помлади од претходните членови на комитетот“, информира претседателот.

Тој ја сподели својата визија за развојот на северноамериканската заедница на македонските Бугари и неговата желба таа во иднина да има влијание врз Македонија.

„Нашиот фокус е заснован на она што го создадоа северноамериканските македонски Бугари. Фокусот е да се создаде можност за повеќе Северноамериканци да се развиваат овде и да создадат повеќе чаптери (локални здруженија) ширум светот. И мислам дека влијанието на Македонија отсекогаш било во сржта на нашето јадро – желбата Македонија да биде на Македонците, сите Македонци, без разлика на етничката припадност да бидат обединети. Но, за да се постигне ова ќе бидат потребни години. Се надевам дека развојот на северноамериканците ќе има влијание и врз Македонија во иднина“, изјави Метју Стефанов.

„Секогаш сме се труделе да го потврдуваме тоа дека, врз основа на Статутот, сме основани од македонски Бугари кои дојшле во Северна Америка. Ова се заснова на идеологијата на создавањето на организацијата, протуркана преку весникот „Македонска трибуна“ во написите објавени во весникот, во дискусиите за време на конвенциите“. Ова го изјави претседателот на МПО во врска со прашањето за првичните основачи на организацијата, што постојано предизвикува спорови и дискусии.

Според него, организацијата треба да ги вклучи сите Македонци.

„Бугарите се исто така повеќе од добредојдени да се приклучат како дел од нас, да слават годишнини со нас, да присуствуваат на конгреси и да учествуваат на сите идни настани“, рече Стефанов.

Својата мисија, вткаена во неговата идна работа како претседател на Македонската патриотска организација, Метју Стефанов ја дефинира со една реченица: „Мојата мисија ќе биде да продолжам да ја промовирам организацијата, вклучувајќи ги сите Македонци, да ја вратам идејата за Македонија за Македонците, да се прифатат сите кои се идентификуваат како Македонци“.

На крајот од интервјуто, тој одговори на поканата на БГНЕС да го посети студиото на агенцијата со зборовите: „Со задоволство би го направил тоа“.

„Би сакал да ја посетам Бугарија, да научам повеќе за нејзината култура. Вака го заврши разговорот новиот претседател на МПО Метју Стефанов.

Слични Објави