| |

Лева, десна, лева, лева, лева…

Пишува: Ѓорѓи Трендафилов

Нашава мала, но, прекрасна „Манор Фарма“ достоинствено и гордо (како што е и ред) го прослави Денот на независноста. Одозгора на тога, пак ги зафркнавме италијанците, мамето нивно бугарско. Повод повеќе за нашите мали и големи, локални и национални „Наполеони“ и нивните бесконечни -Бла,бла,бла….достоинство,бла,бла,бла,Еу…бла,бла, Устав….

И во рамките на тој национален занес, побогати за уште неколку европски и демократски партии, работнава седмица ја започнаа со неделна вечера. А од денеска веќе работно. Климатските промени и мерките за управување со отпад ќе се презентираат во Тетово. Мал, но значаен сегмент во нашава фарма. Со искуства кои имаат амбиции да станат и регионални. Потоа следува показен час по владеење на правото.

Тука до израз доаѓа сиот интелектуален и креативен раскош на нашите „Наполеони“ Почнувајќи од судски исправената неправда од 78%, бескомпромисната борба со криминалците кои не се наши или не можат да си купат парче од Правдата, па се до рејтингот од 3% во јавноста. Регионот и Европа со нетрпение ги очекуваат нашите искуства, од кои се разбира, поради бугарите, се неоправдано лишени.

Каква среќа ние имаме. А оние „Боксери“ нека протестираат пред Правда дур не ги продадат за лепак. Како и првобитниот Боксер.
„Наполеоните“ почетокот на седмицава ќе ни претстават уште една стратегија без која нашите животи просто не се целосни. Има малку помпезност во насловот, но ,ништо не е доволно добро за животн…..граѓаните на Манор фармата – Јавна расправа за Нацрт-стратегијата за транспарентност на Владата (2023 – 2026) – Колку ли бла,бла,бла ќе содржи најновава стратегија и што се ќе промени во нашево секојдневие!?
И понатаму херојски го градиме млинот. Ако треба ќе изградиме уште еден, поголем и посилен. Ако треба, ќе си ги вратиме сите келнери од белиот свет. Што би се рекло – Ние го градиме млинот, млинот не гради нас.

Се е стокмено во оваа наша мала, но прекрасна Манор фарма. Се знае и ред и место. Четири нозе е добро, две уште подобро. Мали и големи, нашите Наполеони бескомпромисно бдеат над нашата среќа и благосостојба. Па што ако понекогаш не продаваат за да не прават лепак?



Слични Објави