„Радост е да се спаси живот по повеќе од 118 часа“ – во Чаир пречекани спасувачите што допатуваа од Турција
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, денеска со најголема почит го пречека тимот на спасувачи на Доброволното здружение на пожарникарите „Бајрам Мифтари“ од општина Чаир, кои се вратија од спасувачката акција што ја спроведоа во турските региони погодени од катастрофалниот земјотрес на 6 февруари.
„Во оваа пригода нашите херои Артан Демири, Хетем Арслани, Сефер Демири и Исуф Јакупи ме информираа за акцијата за спасување човечки животи“, изјави градоначалникот Ганиу.
На средбата со емоции спасувачите ги раскажуваа многуте тажни моменти од ситуацијата на која наишле во турските градови по земјотресот, но и моментите на радост што ги почувствувале кога спасувале животи и по 118 часа под урнатините на зградите.
Градоначалникот вели дека нема зборови со кои може да се опишат нивното херојство, хуманост, храброст, како и на сите членови на спасувачките тимови што учествуваат во оваа хуманитарна акција во Турција.
Општина Чаир вчера додели 600.000 денари финансиска помош за погодените од катастрофалниот земјотрес во Турција.