Радуков: Добрососедството со Северна Македонија не само што е приоритет, туку е и хоризонтален критериум
„Секогаш сме подготвени и сме во контакт да му помогнеме на секој македонски Бугарин, без разлика дали е во здружение или не“, изјави во интервју за БНР амбасадорот на Бугарија во Република Северна Македонија, Желјазко Радуков.
Во емисијата „РадиоТочка“ тој ги коментираше односите меѓу соседните држави, како и кандидатурата на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија.
„Добрососедството не само што е приоритет, туку е и еден хоризонтален критериум. Во контекст на односите меѓу Република Северна Македонија и Бугарија, градењето на тие односи е еден од критериумите според кои ќе се оценува напредокот на Република Северна Македонија во однос на членството“, посочи дипломатот.
Радуков додаде:
„Имаме сериозен проблем со наративот што се создава против Бугарија и бугарскиот народ. Се гради антитеза и, ако сме искрени, тоа е основниот проблем во способноста на локалните власти да пристапат кон исполнување на обврската. Тоа што го следиме ние има и таква причина што одредени политички кругови во земјата проценуваат дека тоа ќе им помогне на нивните шанси на следните избори во Република Северна Македонија.“
Бугарскиот амбасадор во Скопје ја коментираше и средбата во Црна Гора на лидерите на европските држави и на Западен Балкан за забрзување на интеграцијата:
„Најголемите тешкотии се недостатокот на реформи или барем во некои држави и недостатокот на политичка зрелост. Ги имаме политичките примери на Црна Гора и Албанија, кои покажуваат дека процесот на проширување функционира, вратата е отворена и доколку се исполнуваат критериумите, членството е достижно.“
Желјазко Радуков потсети дека нема отстапки во однос на кандидатурата на Република Северна Македонија:
„Тоа што е постигнато во 2022 година претставува патоказ на обврски поставени од Европската Унија кон земјата кандидат и кои треба да се исполнуваат. Исполнувањето на овие чекори не само што гарантира членство во Европската Унија, туку и начинот на кој оваа држава ќе успее да изгради добрососедски односи со нас. Прашање на политичка волја и политичка зрелост е начинот на кој се приближуваат кон Европа.“
Според него, важно е да се истакне, како што потврдил и Антонио Кошта, дека нема друг пат напред и дека поставените критериуми – и општите и специфичните – мора да бидат исполнети.
Разговорот со амбасадорот Радуков, можете да го слушнете на следниот линк.

