Ракописи од X век беа изложени во Националната библиотека во Софија
Три помалку познати фрагменти од ракописи од X век беа изложени на 9 октомври во Националната библиотека „Св. св. Кирил и Методиј“ во Софија, во пресрет на Денот на архивистот, 10 октомври, јавува БТА.
Посетителите можеа да видат два листа од грчки изборни евангелија и фрагмент од евангелие на ерменски јазик, изјави д-р Бојана Минчева, раководител на одделот за заштита на ракописното и документарното наследство во библиотеката.
Експонатите беа изложени само три часа поради чувствителноста на пергаментот на промени во температурата и влажноста. Вообичаено тие се чуваат во специјализирано депо на температура од 18 Целзиусови степени и влажност од 55 проценти.
Според Минчева, фрагментите пристигнале во библиотеката на различни начини кон крајот на 19 век. Ерменското евангелие било набавено од Бачковскиот манастир, а еден од грчките фрагменти бил откриен при реставрација на книга.
Друг фрагмент бил идентификуван како дел од кодекс што се чува во Балтимор. Во библиотеката и натаму се чуваат повеќе неидентификувани фрагменти кои чекаат натамошно истражување.

