РАШЕЛА ТЕ ДУИ ШУМ

Овој напис нема да биде хејт или воздигнување на „гордата Еврејка од Македонија“, за тоа веќе се грижат центрите за пропаганда на СДСМ и ДПМНЕ. За да се држи ритам денеска „независниот експерт“ и национален координатор за европски прашања (што и да значи таа функција) Бојан Маричиќ повторно на дневен ред го стави Гоце. Да да, истиот тој Гоце што сакаат Бугарите да ни го земат. Оти Гоце е само наш…

Но да се вратиме во реалноста. Што се случи во раните утрински часови на 15-ти февруари? Освен што беше разрешена „новата“ Мирка Гинова, како што се изрази пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајче Димков, се случи прекројување на изборната мапа. Општините Дебар и Маврово-Ростуше од 6-ка се најдоа во 5-ка. Со други зборови во 5-ка, ДУИ како најголема партија од албанскиот блок ќе добие плус пратеници.

Овој „патриотски чин“ ДУИ да добие плус пратеници по 12-ти април, беше „потпечатен“ со гласовите на 13 „патриоти“ од ДПМНЕ. После ќе рече некој дека македонските пратеници не знаеле како да работат здружено во одбраната на македонските државни интереси. Па има ли поголем македонски државен интерес од тоа Али Ахмети да добие плус потрчковци во македонскиот парламент? Нема се разбира, ќе речат, Антонијо, Трајко, Влатко, Лиљана, Никола и останатите „врапчиња“ што херојски ја издржаа маратонската седница и рано насабајле после 4 часот, фино му учинија на Ахмети. А тој… Тој дури не бил присутен, кога се гласало со колку плус пратеници ќе биде почестен, од неговите коалициски партнери од СДСМ и ДПМНЕ.

Многу ми е мерак кога сите во парламентот гласаат во единство за Македонија да оди напред. Еве да претпоставиме дека меѓу тие плус пратеници што ќе ги добие ДУИ во 5-ката, се најде и името на Нефи Усеини. Па вие драги мои, немате претстава тоа колкава победа ќе биде за Македонија. Нефи ќе може да ја преплави целата земја со пицерии и бетонски бази. Нема само охриѓани (голем дел се бугараши да знаете) да „уживаат“ во благодетите што им ги нуди претприемачкиот ум на газда Нефи. Таквото „задоволство“ треба да им се пружи и на граѓаните од другите градови на Македонија. Оти бе, да не станеме земјата на пицериите? Форава со „земја лулка на цивилизацијата“ е за внатрешна „ќосевска“ употреба, а земја лулка на незаконски изградените пицерии веќе звучи италијански, звучи европски, да, со лек балкански горчлив вкус во устата, но сепак европски. Но тоа е само моја наивна претпоставка. Нефи? Пратеник? Нема шанси.

Помнам пред едно 15 години кога „некои прашања“ не заслужуваа одговор. Тогаш ДПМНЕ со заби и нокти се бореше да ја спречи „територијалната поделба“ направена по тертип, најмногу да ѝ одговара на ДУИ. Во раните утрински часови, кога ја разрешуваа „Мирка Гинова“, ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ си изгласаа нова поделба овој пат изборна. Не, не гласаа за една изборна единица со отворени листи, како што се избираат пратениците во Европскиот парламент, тоа не им беше задача, гласаа западна Македонија да остане вилает на Али Ахмети. А тој, како еден вистински бејлербег не ни беше присутен на случувањето. Ги остави неговите измеќари да ја завршат работата. Со многу гласови ЗА и многу малку ПРОТИВ. Исто како за името.

Ќе напишат ли Владо Јовановски и Игор Дурловски нешто уметнички издржано околу тоа? Не верувам. Ќе го чепнат ли македонскиот патриотизам, прашувајќи зашто пратеници од ДПМНЕ гласаат како попчиња за измени што му одговараат на Али Ахмети? Не верувам. Рашела, мила моја, „те ДУИ шум“ прекрасно си ја изигра улогата. Ко шо би рекол бате Бојко- конграчилејшнс.

Автор: Атанас Величков