Рашковски се спореди со Илон Маск: И тој ќе ја напишеше истата спецификација
Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски денеска во судница даваше одбрана во случајот „Софтвери“. Тој тврдеше дека не е точно дека ја фаворизира „Инвока груп“ да го добие тендерот.
Рашковски објасни дека со техничките спецификации што се барале во тендерот, не се феворизирал никој, бидејќи таа била направена така што „немате некои посебни ограничувања и не треба да се има какви било познавања за да се направи“.
„ Да му кажеме на Илон Маск, напиши ни техничка спецификација за софтвер за определување просечна брзина, ќе ни ја напише истата, сето тоа што јас сум го напишал. Не е направено да ограничува ниту со техника, ниту со технологија, ниту со програмски јазик или што било“ рече Рашковски.
Тој додаде дека иновативноста на неговото барање за патент е полициско возило да може да се движи и забележи предметно возило на една локација, а потоа истото возило ако биде регистрирано од друго полициско возило на друга локација, врз основа на тоа да се одреди просечна брзина на движење. За функционалноста на софтверот, Рашковски рече дека прво тестирање е направено кон средината на 2020 година, а потоа е тестиран по примопредавањето. Како што истакна, предлогот до Влада бил софтверот да биде ставен на камерите на „Сејв сити“ и да заживее, но до тоа не дошло.
Тој ги негираше вештачењата на обвинителството дека софтверот бил нефункционален бидејќи, како што рече, тој бил тестиран на „Партизанска“ во Скопје каде што се случуваат најмногу сообраќајки во државата.
