РАСКРВАВЕНИ ГЛАВИ ПРИ ТЕПАЧКА МЕЃУ ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, ШТИТЕНИЦИ ВО ЗАВОД ЗА РЕХАБИЛИТАЦИЈА ОСТАВЕНИ БЕЗ НАДЗОР

Инцидент во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско поле го вклучи алармот на Народниот правобранител, откако во тепачка две од нив останале со раскрвавени глави. Тим на народниот правобранител изврши вонреден надзор во Установата по добиена пријава за инцидент кој се случил на 22 месецов. При надзорот се утврдени катастрофални услови и целосна негрижа за штитениците кои се згрижени во оваа установа, велат од канцеларијата на Народниот правобранител, пишува ФОКУС.

Инцидентот се случил вечерта на 22-ри кога штитениците требало да се подготвуваат за спиење. На смена во Установата, каде во интернатско сместување се згрижени 28 деца, биле само еден инструктор и една негувателка. Според извештајот на народниот правобранител во еден момент ниту еден од нив не бил меѓу штитениците и тогаш се случил нападот. Едно од децата, кои биле на возраст помеѓу 11 и 14 години, почнало да ги напаѓа другите. Две од нападнатите завршиле со раскрвавени глави.